Свет
Зариф ги осуди санкциите на САД против Турција како непочитување на меѓународното право

Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, ги осуди санкциите на САД против Турција во врска со купувањето на одбранбени ракети С-400 од Русија, пренесува „Спутник“.
„Зависноста на САД од санкции и непочитувањето на меѓународното право, повторно во полн сјај“, напиша Зариф на Твитер.
Министерот додаде дека Иран ќе застане заедно со турскиот народ и владата во однос на американските притисоци, притоа придружувајќи го твитот со хаштагот #NeighyersFirst. Иран и самиот беше цел на американските санкции, вклучително и ембарго за оружје и економска блокада, што беа воведени како одговор на политичките врски и нуклеарната програма на Техеран.
Во понеделникот Министерството за финансии на САД воведе санкции за четворица турски официјални лица, владата на земјата и за одборот на „Дифенс индустрис“ – турска агенција за набавки за одбраната. Мерките дојдоа како одговор на купувањето на рускиот ракетен одбранбен систем С-400 од страна на Анкара во јули минатата година.
Со набавката Турција го прекршила законот за санкции на САД, Закон за справување со американските противници преку санкции (CAATSA), кој беше донесен во 2017 година и е насочен кон Русија, Северна Кореја и Иран. Со него се забранува која било земја да изврши значајно купување разузнавачка или одбранбена опрема од Москва, за што предвидува казна.
U.S. addiction to sanctions and contempt for international law at full display again.
We strongly condemn recent U.S. sanctions against Turkey and stand with its people and government.#NeighborsFirst
— Javad Zarif (@JZarif) December 15, 2020
Турција и Русија сепак продолжија со трансакцијата, предизвикувајќи бес во Вашингтон. Откако беа објавени санкциите за Анкара, американскиот државен секретар Мајк Помпео во понеделникот изјави дека мерката испраќа јасен сигнал дека САД целосно ќе го спроведат Дел 231 на CAATSA и нема да толерираат значителни трансакции со руските сектори за одбрана и разузнавање. Помпео додаде дека Турција сепак останува ценет сојузник и важен регионален безбедносен партнер на САД.
Според американскиот државен секретар, купувањето во вредност од 2,5 милијарди долари би ја загрозило безбедноста на американската воена технологија и персонал и ќе обезбеди значителни средства за рускиот одбранбен сектор, како и пристап на Русија до турските вооружени сили и до одбранбената индустрија.
Турција ги осуди санкциите, а Министерството за надворешни работи на земјата вети дека ќе ги преземе неопходните чекори против оваа одлука, за која рече дека неизбежно ќе има негативно влијание врз односите меѓу двете држави.
„Турција нема да се воздржи од преземање мерки што ги смета за неопходни за да се осигура нејзината национална безбедност“, рече Министерството во понеделникот во изјавата, додавајќи дека безбедносниот изговор на Вашингтон за санкциите не е основа.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, од своја страна, изјави дека потегот на Вашингтон е уште една манифестација на арогантен однос кон меѓународното право и манифестација на нелегитимни, еднострани принудни мерки кон кои САД со години прибегнува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Исланѓаните досега идентификуваа 463 видови коронавирус на нивниот остров

Исланд генетски ги секвенционираше сите потврдени случаи на инфекција со коронавирус уште од почетокот на пандемијата, што е клучно во време на појава на нови видови на коронавирус.
Светската здравствена организација неодамна ги повика сите земји да го забрзаат генетското секвенционирање на вирусот за да се олесни борбата против нови, позаразни видови.
Исландската биофармацевтска компанија deCODE Genetics неуморно го анализирала секој позитивен тест на коронавирус во последните 10 месеци. Целта е едноставна, да се анализираат сите случаи за да не пропуштат ниту еден проблематичен.
„Самото секвенционирање трае релативно кратко време“, објаснува шефот на лабораторијата за генетика, Олафур Тор Магнусон. „Приближно три часа се доволни за да се утврди видот на вирусот.
Целиот процес, од изолација на ДНК до секвенционирање, трае околу еден и пол ден. Исланѓаните досега идентификуваа 463 варијанти на вирусот – кои научниците ги нарекуваат хаплотипови.
„Секвенционирањето на примероците е клучно за нас во следењето на пандемијата на островот“, рече министерката за здравство Свандис Сваварсдотир.
Властите ги користат информациите за да утврдат прецизни мерки за борба против ширењето на вирусот, додаде таа.
Така, на Исланд знаат дека немаат јужноафрикански вид на коронавирус и дека имале 41 случај на инфекција со британскиот вид.
Европа
Во Британија се разгледува можноста странците да плаќаат по 2.800 евра за во карантин

Посетителите кои ќе се решат да дојдат во Велика Британија можеби ќе треба да платат 2.500 фунти (околу 2.800 евра) за да останат по хотели во карантин, според новиот план што го разгледуваат претставници на британската влада.
Поостриот пристап кон карантинот доаѓа со обидите на владата да го потисне ширењето на коронавирусот, бидејќи во Даунинг стрит (седиштето на британскиот премиер) постои страв дека новите, мутирани видови на ковид кои влегуваат во земјата можат да бидат отпорни на вакцината, објави „Дејли експрес“.
На британските власти им било наложено да ја следат сличната политика за карантин што веќе постои во Нов Зеланд – дека секој што би сакал да влезе во земјата мора да плати за трошоците од двонеделниот карантин.
Вчера министерот за надворешни работи Доминик Раб рече дека владата ги разгледува сите опции.
Европа
Австрија, Данска и Грција бараат одобрување за вакцината на „Астра зенека“

Данска, Грција и Австрија ќе побараат од Европската агенција за лекови (ЕМА) брзо и „небирократско“ одобрување на вакцината на „Астра зенека“, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.
По разговорите со колегите од кругот на земји кои први презедоа мерки во борбата против коронавирусот, Курц рече дека е договорена заедничка акција со премиерите на Данска и Грција.
„’Астра зенека’ е вакцина што ја развиваат познати експерти, ЕМА ги има сите информации за таа вакцина од 12 јануари. За мене е важно да се залагаме за побрза одлука на ЕМА“, објасни тој.
Курц побара итна, небирократска одлука за одобрување на вакцината.
Тој потсети дека вакцината веќе се користи во Велика Британија и некои други земји.
Тој исто така посочи дека ЕМА требало да одржи седница на крајот на месецот во врска со одлуката за одобрување на вакцината на „Астра зенека“.
„Секој ден е важен за нас. Новиот вид е јасно позаразен, па затоа нè става пред голем предизвик. Секој ден што се добива со побрзо одобрување на вакцината е добиен ден во борбата против коронавирусот”, нагласи тој.
Тој исто така побара да се донесе јасна стратегија за патување во ЕУ, односно влез од таканаречените трети земји.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира