Свет
Зеленски: Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва, нека дојде во Киев
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека е апсолутно неприфатливо за него да се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, во Москва, но дека јавно го поканува Путин, ако се осмели, да дојде во Киев на разговори.
„Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва. Тоа би било исто како да се сретнам со него во Киев. Можам и да го поканам во Киев – нека дојде. Еве, јавно го поканувам, ако се осмели, да дојде во Киев“, рече Володимир Зеленски и истакна дека Украина сака конструктивен договор за завршување на војната.
Зеленски рече дека сака продуктивен состанок, каде што можат да се дискутираат и решаваат отворени прашања, објавува „Украинска правда“.
„Но, ако некој не сака да се сретне, од некоја причина, не може директно да го каже тоа, тогаш се појавуваат такви повици од Москва. Јасно е што се случува“, рече тој.
Зеленски рече дека секогаш е подготвен за каков било формат на разговори што би ја завршиле војната, но невозможно е тоа да биде во Москва или Белорусија.
„Апсолутно е јасно зошто – едната од земјите е агресорот што ја започна војната против нас, нè убива, а другата земја е партнер во овие акции“, нагласи Зеленски.
Нешто порано, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Зеленски е подготвен за средба лице в лице со Путин, со цел да се решат две клучни прашања од рамката за мир – териториите и управувањето со нуклеарната централа Запорожје, на што одговори Јуриј Ушаков, помошникот на претседателот на Русија, велејќи дека Зеленски може да отпатува во Москва.
Зборувајќи за забрзаното членство на Украина во Европската Унија, Зеленски рече дека ова е реално сценарио и оцени дека ЕУ е безбедносна гаранција за иднината на земјата.
Тоа е егзистенцијален избор, но не само од геополитички и економски причини, туку и од вредности, рече украинскиот лидер.
„Она што нè интересира е забрзан пат. Во споредба со другите земји, нашите соседи и пријатели од Балканот, оние кои се кандидати и кои со право треба да бидат дел од ЕУ, тие не се во војна и немаат непријателска армија на своите граници, или на европските граници, што би го блокирало нивното членство во иднина“, рече Зеленски.
Според него, Русија би го блокирала членството на Украина во ЕУ во мирно време, бидејќи веќе го сториле тоа.
„Во нивен интерес е Украина да не е ниту во ЕУ ниту во НАТО. Тоа би била хибридна војна против пристапувањето на Украина во ЕУ“, рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ја тужеше сопствената администрација: бара 10 милијарди долари
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги тужеше Министерството за финансии на САД и УЈП за 10 милијарди долари поради објавувањето на неговите даночни пријави во медиумите во текот на 2019 и 2020 година.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Мајами од Доналд Трамп, неговите возрасни синови Доналд Трамп помладиот и Ерик Трамп, како и компанијата што го носи неговото име, се наведува дека агенциите не презеле „задолжителни мерки на претпазливост“ за да го спречат поранешниот вработен во Даночната администрација, Чарлс Литлџон, да ги предаде своите даночни пријави на „левичарските медиуми“, вклучувајќи го и Њујорк Тајмс, објавува денес Гардијан.
Тужителите изјавија дека претрпеле „значајна и непоправлива штета“ на нивниот углед и финансиски интереси и дека можат да бараат казнена отштета бидејќи истекувањето на информации било намерно или резултат на груба небрежност.
Овој случај го става Доналд Трамп во необична позиција да тужи владини агенции кои се дел од извршната власт, која тој ја раководи, пишуваат медиумите.
Во тужбата поднесена вчера, Трамп наведува дека „Њујорк тајмс“ објавил најмалку осум статии врз основа на информации што им ги дал Литлџон.
Се додава дека протекувањето на информации „предизвикало штета на угледот и финансиите, јавен срам, неправедно го нарушило нивниот деловен углед, ги претставило во лажна светлина и негативно влијаело врз претседателот Трамп и јавниот углед“ на другите тужители, пренесува Танјуг.
Свет
Русите ја погодија фабриката на „Филип Морис“ во Харков со ракета
Дел од фабриката „Филип Морис“ во Харков беше оштетен во синоќешниот руски ракетен напад, објави украинската филијала на компанијата, пренесува „Украинска правда“.
Службите за итни случаи се на местото на настанот, а гаснењето на пожарот е во тек. Според првичните извештаи, нема жртви во нападот.
Компанијата изјави дека фабриката во Харков не работи од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Во 2024 година, „Филип Морис“ отвори нова фабрика во регионот Лавов, каде што беа преместени 250 вработени од фабриката во Харков.
Доцна синоќа Русите ја нападнаа Украина со балистичка ракета „Искандер-М“ и 111 борбени беспилотни летала од типот „Шахед“, „Гербера“, „Италмас“ и други. Соборени се 80 беспилотни летала, но регистрирани се и погодоци.
фото/илустрација
Свет
Орбан: ЕУ сака да ја прими Украина до 2027 година за да ѝ дадат пари од новиот буџет
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, тврди дека ЕУ планира да ја прифати Украина до 2027 година за да може да има пристап до следниот седумгодишен буџет на Унијата, додека во исто време украинскиот претседател Володимир Зеленски се држи до целта за приклучување кон ЕУ до таа година, а Будимпешта е против тоа.
Во снимките објавени од унгарскиот меѓународен портпарол Золтан Ковач, Орбан тврди дека на лидерите на последниот самит на ЕУ им бил даден документ во кој е наведен планот на Брисел за прием на Украина во 2027 година.
„Тие сакаат да ја примат Украина во 2027 година затоа што сакаат да ѝ дадат пари од буџетот, од седумгодишниот европски буџет почнувајќи од 2028 година, што значи дека овие пари ќе бидат земени од нас, земјите од Централна Европа“, рече Орбан.
„Значи, постои временско ограничување за внесување на Украина во ЕУ пред почетокот на следниот седумгодишен буџет“, додаде тој.
Орбан го повтори своето противење на членството на Украина во ЕУ, тврдејќи дека Украина „не може да ја заштити Европа од Русија“ и дека тоа не ја зајакнува Европа, туку, како што вели тој, „ја влече во војна“.
фото/Depositphotos

