Европа
Зеленски во Лондон: Имаме слобода, дајте ни крилја да ја заштитиме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Лондон одржа говор пред британските парламентарци.
Зборувајќи на англиски, тој и’ се заблагодари на Британија во име на украинските војници, регрутите и оние кои ќе бидат распоредени на фронтот на војната.
Тој рече и дека зборува „во име на секој татко и секоја мајка кои чекаат нивните храбри синови и храбри ќерки да се вратат дома од војна“, пишува Гардијан.
„Лондон е со Киев од првиот ден, од првите секунди и минути на руската војна против Украина“ рече тој.
Зеленски и’ се заблагодари на Велика Британија што ја снабдува неговата земја со главни борбени тенкови.
„Ракетите со долг дострел ќе ни овозможат целосно да го отстраниме злото од нашата земја. Обединетото Кралство маршира со Украина кон најважната победа во нашиот живот – победата над самата идеја за војна“, вели Зеленски.
Додаде дека Украина и нејзините сојузници формирале „вистинска коалиција на пријатели“ и веќе постигнале забележителни резултати.
„Победата ќе го промени светот и тоа ќе биде промена која на светот одамна му беше потребна“, рече Зеленски во обраќањето пред британскиот парламент, пренесе „Ројтерс“.
Украинскиот лидер ја повикува Велика Британија да продолжи со воведување санкции за да ја лиши Русија од можноста да ја финансира војната против Украина.
„На светот му треба вашето лидерство, Британија. Исто како што е потребна украинска храброст“ рече Зеленски.
„Имаме слобода, дајте ни крилја да ја заштитиме“
Претседателот Зеленски на спикерот на Долниот дом на Собранието, Линдзи Хојл и’ подари шлем на украински пилот.
На шлемот пишувало: „Ние имаме слобода, дадете ни крилја за заштита“.
По неговиот говор во британскиот парламент, домаќин на Зеленски беше кралот Чарлс.
Претседателот на Украина, кој е во посета на Велика Британија, вечерва ќе пристигне во Париз, јави француската ТВ БФМ повикувајќи се на информирани извори.
Зеленски, кој е во Лондон во својата втора посета во странство од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари минатата година, би можел да пристигне во Брисел во четврток, по Париз, на самитот на Европската унија, но таа посета се уште не е потврдена.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во понеделникот рече дека го поканил Зеленски „лично да учествува на еден од идните самити“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.
Европа
(Видео) Украинците уништија руско складиште за муниција, се шири снимка од огромна експлозија

Украина очигледно извршила напад врз руско складиште за муниција во градот Карцизк во окупираниот дел од Донецката област на 2 јули, објавија и руски и украински Телеграм канал.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои наводно се гледаат моќни експлозии во близина на магацинот за кој се тврди дека се наоѓа источно од рускиот окупиран град Донецк.
Украинската војска не го коментираше нападот, а во моментов нема информации за обемот на штетата.
💥Just now: strike reported on the Russian ammunition depot on Khartsyz'k. pic.twitter.com/o33onaTPWF
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) July 2, 2025
Украинската војска редовно напаѓа воени цели на територијата окупирана од Русија, како и длабоко во Русија, во обид да ја ослабне способноста на Москва да води војна против Украина.
Вечерта на 30 јуни, Украина слично започна напад врз командниот пункт на 8-та комбинирана армија на руските вооружени сили во рускиот окупиран дел од Донецката област. Според неофицијални информации, нападот бил извршен од британски крстосувачки ракети со долг дострел од типот Storm Shadow.
Russian ammunition depot in Khartsyzk https://t.co/VkenrZaEV1 pic.twitter.com/ktxSlOzcCd
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) July 2, 2025
Со месеци, Русија ја фокусираше својата офанзива врз градот Покровск во Донецката област, кој е под постојан напад, а во последно време сè повеќе се обидува да ги пробие украинските линии кон соседната Дњепропетровска област – регион кој досега не беше погоден од борбите.
Европа
Убиен украински командант; Зеленски: Ќе одговориме за овој напад

Во руски ракетен напад врз Хуљајпоље во областа Дњепропетровска беше убиен командантот на 110-та посебна механизирана бригада на Украина, Сергеј Захаревич, а ранети се уште 30 други, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руската војска го нападна вчера округот Камјански, каде што се наоѓа селото Хуљајпоље, соопшти гувернерот Сергеј Лисак. Хуљајпоље, со население од околу 1.200 жители пред војната, се наоѓа во западниот дел на областа Дњепропетровска, на околу 70 километри од линијата на фронтот.
„Секако ќе им одговориме на Русите за овој напад“, објави Зеленски, додавајќи дека во моментов е во тек истрага за рускиот напад и дека чека извештај од воената команда.
Захаревич дипломирал на Одесскиот институт на копнените сили. Во февруари оваа година, тој беше назначен за командант на 110-та посебна механизирана бригада. Пред тоа, тој беше заменик-командант на 33-та механизирана бригада.
Тој учествуваше во неколку борбени мисии на фронтот. „Нашата армија изгуби уште еден претставник на новата генерација украински офицери кои пораснаа во битка и станаа модели на храброст и проактивно воено лидерство“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.