Свет
Зеленски ѝ порача на Европа дека без Украина нема шанси против Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја предупреди Европа дека без Украина нема шанси против Русија.
Тој додаде дека победата на Украина е од витално значење за запирање на Кремљ пред да го нападне остатокот од Европа.
„Европа без украинската армија нема да може да се справи со руската армија бидејќи таа е бројно супериорна. Русија има повеќе оружје, повеќе луѓе и е посурова од Европејците“, изјави Зеленски за полскиот медиум „Онет“.
Зеленски рече дека западните сојузници на Украина не ја сфаќаат големината на експанзионистичките амбиции на рускиот претседател кон нордиските и балтичките земји.
„Западот не сака да ја признае единствената вистина за Русите, а тоа е дека тие ќе одат понатаму. Во тој факт се содржани одговорите на сите прашања. Зошто да не ја зајакне Украина што е можно повеќе, да го зголеми нејзиното домашно производство за вооружените сили“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин се согласи на мировни преговори, кажа Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков утринава зборуваше за вчерашниот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, кој траеше речиси час и половина. Песков рече дека Трамп повика на брз прекин на непријателствата и мирно решавање на конфликтот.
„Претседателот Путин, од друга страна, ја истакна потребата да се елиминираат основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне преку мировни преговори“, рече Песков за новинарите.
Тој додаде дека рускиот претседател ја поддржува идејата дека „дојде време нашите земји да соработуваат“ и го покани Трамп да ја посети Москва.
Путин, исто така, изрази подготвеност да прими американски претставници во Русија за да разговараат за теми од заеднички интерес, вклучувајќи го и прашањето за Украина и мирното решение во таа земја, рече Песков.
Во меѓувреме, шефот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, за државната новинска агенција РИА изјави дека телефонскиот разговор на Путин со Трамп бил „длабок и значаен“.
Европа
(Фото) Молдавија и Романија: Руски дронови влетаа на наша територија и експлодираа

Руски беспилотни летала го нарушиле воздушниот простор на Молдавија и две експлодирале на нејзина територија, објави претседателката на земјата Маја Санду, а и романските власти пријавиле два дрона.
„Беспилотните летала ‘Шахед’ го нарушија нашиот воздушен простор. Два експлодираа на наша територија, загрозувајќи ги животите на Молдавија“, напиша Санду на платформата „Икс“.
Министерството за одбрана на соседната членка на НАТО, Романија, објави дека два дрона го нарушиле и нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина во текот на ноќта. Министерството соопшти дека пронашло едно можно место на несреќата и дека спроведува дополнителни истраги, пренесува Ројтерс.
Европа
(Видео) „Вечерва пијат вотка директно од шише во Кремљ, одличен ден за Москва“, рече поранешен советник на Трамп

Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност во првиот мандат на Доналд Трамп, рече дека претседателот Трамп практично му се предаде на Владимир Путин пред преговорите за судбината на Украина.
„Сосема е јасно дека Путин вечерва извојува неколку победи. Тој не сака да преговара со Зеленски, тој сака да преговара со Трамп, бидејќи мисли дека тоа ќе биде поповолно за Русија. И тој е апсолутно во право“, рече Болтон.
„Путин не може да биде посреќен. Ви велам, тие вечерва пијат вотка директно од шише во Кремљ. Тоа беше одличен ден за Москва“, додаде тој.