Европа
Зеленски: Макрон залудно бараше излез за Русија

Макрон понуди решение за војната – Зеленски: „Не прифаќаме“
Францускиот претседател Емануел Макрон побара од Украина да направи отстапки во однос на нејзиниот суверенитет, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што пренесе „Политико“, Макрон побарал од Украина „да му помогне на рускиот лидер Владимир Путин да си го сочува образот“.
Во интервју за италијанската национална телевизија РАИ, Зеленски беше прашан за коментарот на Макрон претходно оваа недела за тоа како Европа мора да избегне да го понижува Путин.
„Сакаме руската армија да ја напушти нашата земја, ние не сме на руска почва“, рече Зеленски.
„Не сакаме да му помогнеме на Путин да си го сочува образот со тоа што ќе платиме со своја територија. Тоа би било неправедно“, подвлече тој.
Зеленски додаде дека Украина никогаш нема да ја признае руската анексија на Крим.
„Макрон залудно бараше излез за Русија“, рече тој.
Елисејската палата ги отфрли наводите на Зеленски.
„Претседателот на Републиката никогаш не разговарал за ништо со Владимир Путин без согласност на претседателот Зеленски и никогаш не побарал никакви отстапки од претседателот Зеленски. Тој секогаш велел дека Украинците треба да одлучат за условите на нивните преговори со Русите“, изјави денеска претставникот на Елисејската палата.
Говорејќи на церемонијата на затворање на Конференцијата за иднината на Европа во понеделникот, Макрон рече: „Европа никогаш не смее да подлегне на искушението на понижување или духот на одмазда по прашањето за руската војна против Украина“.
Макрон исто така рече: „Кога мирот ќе се врати на европско тло, ќе мора да изградиме нови безбедносни гаранции“. Ова беше протолкувано како показател дека Макрон се уште се обидува да постигне компромис со Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Лавров: Русија ќе размисли дали да ги обнови односите со Западот

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија ќе размисли дали треба да ги обнови односите со Западот, бидејќи е убеден дека Москва мора да добие нешто ново во форма на обновени односи.
„Западот прво мора да прифати дека Русија постои. Не исчезна и убеден сум дека секоја година ќе биде се посилна. Кога Западот ќе понуди нешто ново во форма на обновување на односите, тогаш Русија ќе размислува за се“, рече Лавров, според светските агенции.
Зборувајќи за санкциите со кои се соочува Русија, Лавров посочи дека земјата мора итно да научи да биде независна од Западот.
„Мораме да се потпреме на себе, но и на оние земји кои во овој момент се покажаа како храбри и кои не танцуваат како што играат другите. Сега кога Западот стана диктатор, нашите економски врски, на пример со Кина, ќе станат посилни. А таа врска само ќе расте“, изјавил Лавров, пренесува Ројтерс.
Европа
СЗО за мајмунските сипаници: Нема да биде потребна масовна вакцинација

Од Светската здравствена организација осврнувајќи се на проблемот со мајмунски сипаници во неколку земји, наведуваат дека не веруваат дека епидемијата на мајмунски сипаници надвор од Африка ќе бара масовна вакцинација бидејќи мерките како што се добра хигиена и безбедно сексуално однесување ќе помогнат да се контролира ширењето, пренесуваат медиумите.
Ричард Пебоди, кој го води тимот на СЗО за патогени со висока закана за Европа, за Ројтерс изјавил дека сегашните залихи на вакцини и антивирусни лекови се релативно ограничени.
Неговите коментари следеа откога американскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека се во процес на пуштање на некои дози од вакцината „Џиннеос“ за употреба во случаи на мајмунски сипаници.
Германската влада рече дека ги проценува опциите за вакцинација, додека ОК веќе има понудено вакцини на некои здравствени работници, анализираат медиумите.
Според нив, јавните здравствени власти во Европа и Северна Америка истражуваат повеќе од 100 сомнителни и потврдени случаи на вирусната инфекција.
Примарни мерки за контрола на епидемијата се следење на контакт и изолација, рече Пебоди, истакнувајќи дека не се работи за вирус кој лесно се шири, ниту пак досега предизвикал сериозно заболување. Вакцините што се користат за борба против мајмунски сипаници може да имаат некои значајни несакани ефекти, додал тој, според Ројтерс.
Не е јасно што ја предизвикало појавата, а научниците се обидуваат да го разберат потеклото на случаите и дали нешто се променило во врска со вирусот. Нема докази дека вирусот мутирал, соопшти агенцијата на ОН претходно оваа недела.
Многу од заразените, но не сите на кои им е дијагностицирана актуелната епидемија на мајмунски сипаници биле мажи кои имале секс со мажи, покажале анализите според агенциите.
Повеќето од потврдените случаи не биле поврзани со патување во Африка, што укажува на тоа дека може да има многу неоткриени случаи, кажал Пебоди.
„Значи, го гледаме само врвот на ледениот брег“, рекол тој.
Со оглед на темпото на избувнувањето и неизвесноста за тоа што ја води, постои загриженост дека големите настани и забави ова лето би можеле да ги влошат работите, оценил тој.
„Не им велам на луѓето да не се забавуваат и да одат на разни настани, важно е што прават луѓето на забавите. Значи, станува збор за безбедно сексуално однесување, добра хигиена, редовно миење раце, сите овие работи ќе помогнат да се ограничи преносот на овој вирус“, изјавил Пибоди, пишува Ројтерс.
Европа
Кисинџер: „Ако наскоро не дојде до мир, на Европа и се заканува уште поголема војна“

Поранешниот американски државен секретар и претседателски советник за национална безбедност Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос го повторил предупредувањето издадено пред неколку дена од српскиот претседател Александар Вучиќ – дека ако наскоро не се постигне мир, на Европа и се заканува уште поголема војна, пишуваат медиумите.
Кисинџер разговарал со нејзиниот основач и извршен директор Клаус Шваб (84) на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос и кажал дека моменталното расположение во светот сугерира дека поразот на Русија ќе биде фатален за Западот, бидејќи ќе доведе до реорганизација на Европа и до хиерархии на моќ.
Кисинџер рекол и дека војната во Украина не треба да трае долго и дека Западот треба да ја притисне Украина да ги прифати условите од прекинот на огнот, кои не се во согласност со нејзините сегашни цели и ситуацијата на теренот, пренесуваат медиумите во регионот.
„Преговорите мора да почнат во текот на следните два месеци, бидејќи во спротивно ќе се создадат тензии кои нема така лесно да се надминат. Идеално, линијата на поделба треба да биде враќање на претходната состојба на работите. Инсистирањето на продолжување на војната по тие два месеци нема да доведе до слобода на Украина, туку до нова војна против самата Русија“, изјавил Кисинџер.
Поранешниот американски државен секретар додал дека Русија е дел од Европа веќе 400 години и дека во клучните моменти гарантира дека ќе се одржи рамнотежата на силите на Стариот континент.
„Европските лидери не треба да заборават на долгорочните односи и не треба да ризикуваат до степен Русија и Кина да станат постојани сојузници“ изјавил политичарот.
„Се надевам дека Украинците ќе го помират своето херојство со мудроста“, кажал Кисинџер и порачал дека Украина треба да биде неутрална тампон зона, а не погранична земја.