Свет
Зеленски најави: Ќе добиеме 42 авиони Ф-16, тоа е само почеток

Холандија и Данска се обврзаа да достават борбени авиони Ф-16 на Украина откако ќе се исполнат условите за трансфер, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
Ова ветување, дадено за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Холандија, е првото вистинско ветување за испорака на Ф-16 на украинските вооружени сили. Тоа доаѓа неколку дена откако САД одобрија можна испорака на борбени авиони од Холандија и Данска.
Руте рече дека Холандија има на располагање 42 авиони Ф-16, но се уште не е познато дали сите ќе бидат донирани.
„Денес можеме да објавиме дека Холандија и Данска се обврзаа на трансфер на авиони Ф-16 на Украина и на украинските воздухопловни сили, вклучително и на соработка со САД и другите партнери откако ќе се исполнат условите за таков трансфер“, Руте. рече на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во воената воздухопловна база во Ајндховен.
Зеленски го опиша договорот како „пресвртница“ и додаде дека за точниот број на авиони ќе се разговара „малку подоцна“.
Зеленски денеска ја посети Холандија во обид да ги зајакне украинските воздухопловни сили, неколку дена откако САД го одобрија можното распоредување на американски борбени авиони Ф-16 во Холандија и Данска.
Украинскиот претседател се очекува подоцна да отпатува за Данска. Данското Министерство за надворешни работи, исто така, ја потврди својата посветеност за испорака на авиони Ф-16 во соопштението во неделата.
Холандија, заедно со Данска, ги предводи меѓународните напори во изминатите неколку месеци за обука на украински пилоти да летаат со Ф-16 и на крајот да ги донира за поуспешна борба против руските сили кои ја нападнаа Украина во февруари 2022 година.
„Главното прашање за Украина е авионите Ф-16 за заштита на нашиот народ од рускиот терор. Стануваме посилни“, објави Зеленски претходно на Телеграм.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников вчера изјави дека обуката на украинските пилоти за летање со авиони Ф-16 е започната, но додаде дека ќе бидат потребни најмалку шест месеци, а можеби и подолго, бидејќи треба да се обучат и инженерите и механичарите. Обуката ќе се одржи во Данска и Романија, соопштија претставници на коалицијата од 11 земји.
Украина минатата недела рече дека не очекува да може да ги користи F-16 уште оваа есен или зима. Холандија може да испрати авиони Ф-16 во Украина како транзиција на нејзините вооружени сили кон ловци Ф-35. Зеленски во саботата ја посети Шведска, каде што разговараше за можноста да ги добие нивните авиони Грипен.
Од почетокот на војната, Украина напорно лобираше кај меѓународната заедница за да ги добие овие авиони и конечно ја надмина американската неодлучност во мај, кога претседателот Џо Бајден ги одобри програмите за обука на украинските пилоти Ф-16. Во тоа време, се надеваше дека обуката ќе започне „во наредните недели“.
F-16 Fighting Falcon е лесен борбен авион кој првично беше дизајниран во 1970-тите. За прв пат беше воведен во употреба во 1979 година и беше интензивно користен од американските воздухопловни сили и во војните во Ирак и во Авганистан. Украина моментално оперира со мала воздухопловна сила базирана на советски авиони, но тие не се споредуваат со руските еквиваленти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Ердоган: Турција е подготвена

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е подготвена да им биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин „кога ќе бидат подготвени да се сретнат“.
На средбата со Зеленски во Анкара, Ердоган ја оцени актуелната ситуација како историска можност за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина и ја изрази силната поддршка на Турција за дијалогот, како на техничко, така и на највисоко лидерско ниво, пишува весникот „Дејли Сабах“.
Тој ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на евентуален самит меѓу Путин и Зеленски и нагласи дека Анкара придава големо значење на одржувањето на отворените канали за комуникација меѓу Москва и Киев.
Руската делегација на преговорите во Истанбул ја предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Претходно, европските лидери го повикаа Кремљ на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, а Путин предложи директни разговори во Истанбул.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Време е да се изврши притисок врз Путин

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сојузниците на Украина „мора да дејствуваат“ и „да го зголемат притисокот врз Путин“, во услови на неизвесност за мировните преговори во Турција, пренесе АФП.
Зборувајќи по состанокот со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин, Хили повика на нови санкции против Русија и нагласи: „Треба да извршиме притисок врз Путин да го принудиме на преговарачка маса. Сега е време да започнеме преговори и да ја запреме војната“.
Тој додаде дека рускиот претседател „има моќ да ја запре војната – може да отпатува во Истанбул, да преговара и да нареди прекин на огнот“.
Свет
Шефот на руската делегација: Путин ни постави цели за преговорите

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Анкара, шефот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински одржа своја прес-конференција.
Медински изјави дека Русија ги смета овие преговори за продолжување на мировниот процес кој започна во 2022 година. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин лично ги одредил задачите на делегацијата и ја дефинирал преговарачката позиција, по состанокот со воените команданти задолжени за таканаречената „специјална операција“, термин што Кремљ сè уште го користи за војната и целосната инвазија на Украина.
Медински тврди дека руската страна е решена да најде решенија и допирни точки во Истанбул.
Од друга страна, Зеленски постојано повторуваше дека Русија не е сериозна за постигнување мир, токму затоа што преговорите не ги води самиот Путин, кој според него ги носи сите клучни одлуки во земјата.