Европа
Зеленски: Немаме намера да одговараме на руските провокации

Украинскиот претседател Володомир Зеленски ја повика Европската Унија да остане обединета против Русија за време на разговорите со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и по контроверзните изјави од некои германски претставници. Зеленски им се заблагодари на Мишел и на националните лидери на ЕУ за нивната солидарност и поддршка во време на конфликт и тензии со Русија.
„Тој нагласи дека за Украина е важно да го зачува единството на сите земји членки на ЕУ во заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата поради потенцијалната руска инвазија“, се вели во соопштението на украинското претседателство.
„Украина нема да попушти пред провокациите, напротив, ќе ја задржи својата присебност заедно со своите партнери“, додал Зеленски.
„Благодарен сум Ви Вам, господине претседателе на Европскиот совет, како и на лидерите на земјите од ЕУ, чии дипломати остануваат во нашата земја и нè поддржуваат со нивната работа“, му рекол Зеленски на Мишел во телефонскиот разговор.
Тој исто така посочил дека Украина нема намера да одговара на руските провокации.
Москва во меѓувреме уште еднаш го обвини Киев дека подготвува офанзива против проруските сепаратисти на истокот на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Пукање на забава во Калифорнија: Еден загинат, осум застрелани лица

Во пукотницата на забава во Јужна Калифорнија, која се случила ноќта меѓу петокот и саботата, биле застрелани девет лица, од кои едно лице било убиено а останатите се ранети, пренесуваат американските медиуми.
Локалната полиција соопшти дека убиениот го пронашла пред трговскиот центар „Хајленд сквер“, каде се одржувала големата забава.
Повредите на останатите осум лица кои напаѓачот ги застрелал не се опасни по живот, додаде полицијата на квартот Сан Бернардино во Калифорнија, нагласувајќи дека повеќето од ранетите се пренесени во болница со сопствени возила.
Полицијата во Сан Бернардино додаде дека се уште никој не е уапсен и објасни дека пукањето се случило по расправија на забава, но се чини дека жртвите не биле намерно застрелани, пишуваат медиумите.
Европа
Зеленски: Го скршивме ’рбетот на руската армија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата војска нанела сериозна штета на руските вооружени сили и покрај падот на клучниот пристанишен град Мариупол, објавија медиумите во регионот.
Украина го „скрши столбот“ на руската армија, кажал Зеленски во телевизиско интервју. „Нема да може да застане на нозе во следните неколку години“, изјавил тој.
Неговата изјава, според медиумите, дојде откако последните 2.400 украински борци од Мариупол се предадоа.
Киев ќе го врати сето тоа назад, рекол тој, додавајќи дека Украина ќе се врати на првите линии пред 24 февруари, кога Русија изврши инвазија. „Тоа ќе значи дека не покорија и дека ние ја браневме нашата земја“, изјавил Зеленски, но нагласил, дека тоа ќе биде многу тешко и дека ќе следи дипломатија.
Европа
Се урна мал патнички авион во Франција, најмалку петмина загинати

Најмалку пет лица загинале кога мал патнички авион се урнал на југоистокот на Франција, јавуваат француските медиуми.
Француската телевизија БФМ пишува дека патнички авион од типот „Жодел Д140“ се урнал денеска во 16 часот и 50 минути во близина на градот Адрец, во Изер, на југоистокот на Франција.
Телата на жртвите, објавила ТВ БФМ, биле пронајдени во целосно јагленисана состојба. Според неофицијални информации како што пренесуваат медиумите, меѓу жртвите, чиј број бил најмалку петмина, имало и едно дете.
Се уште не е познато како дошло до несреќата.