Европа
Зеленски одлучува за барањето на граѓаните за легализација на геј-браковите

Петицијата за легализација на истополовите бракови во Украина ја потпишаа повеќе од 28.000 луѓе, што значи дека предлогот ќе биде доставен на разгледување до претседателот Володимир Зеленски, јавува Би-би-си.
Во Украина, секоја петиција што ќе собере повеќе од 25.000 потписи се поднесува до претседателот на разгледување, но не мора да гарантира промени во сегашното законодавство. Една од украинските ЛГБТ-организации изјави дека петицијата претставува „важен момент“ за сите членови на оваа заедница.
Иако хомосексуалноста е легална во Украина, сè уште не се признаваат истополовите бракови и истополовите заедници, што им создаде дополнителни тешкотии на припадниците на ЛГБТ-заедницата од почетокот на руската инвазија на оваа земја. Според сегашниот украински закон, луѓето во истополови врски немаат право да ги бараат телата на нивните партнери по смртта.
„Важно е ЛГБТК-луѓето да имаат право да го видат својот партнер и да го подигнат неговото тело од мртовечницата, како и да бараат компензација доколку е потребно“, изјави за Би-би-си менаџерката за комуникација со медиумите на Киев Прајд, Оксана Солонска.
„Сите брачни парови ги имаат овие права. Навистина се надеваме дека истополовите бракови ќе бидат легализирани, за да можат луѓето да се грижат еден за друг“, додаде таа.
Членовите на ЛГБТ-заедницата во Украина често се жртви на хомофобија, неприфаќање и насилство. Во 2015 година земјата донесе закон со кој се забранува дискриминација на работното место, што ја вклучува и сексуалната ориентација, додека во 2013 година во Киев се одржа првата Парада на гордоста. Минатогодишната Парада на гордоста во главниот град на Украина собра, според организаторите, околу 7.000 луѓе.
Според истражувањето спроведено од Киевскиот меѓународен институт за социологија, бројот на луѓе кои негативно гледаат на ЛГБТ-заедницата е намален во последните шест години од 60,4 на 38,2 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Пелоси: „Посетата на Тајван беше апсолутно корисна“

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, изјавила дека нејзината посета на Тајван била апсолутно корисна.
Таа додала дека САД не можр да дозволат Кина да го изолира островот.
„Не можеме да дозволиме кинеската влада да го изолира Тајван“, рекла Пелоси во интервју за Ен-би-си, а пренесе „Ројтерс“. Таа додала дека кинеската влада нема да определи кој може да оди на Тајван.
Пелоси направи кратка и ненајавена посета на Тајван на 3 август, што наиде на остра осуда од Кина и доведе до зголемени тензии во тајванската теснина.
Тоа беше прва посета на претседател на Претставничкиот дом на Тајван од 1997 година.
Европа
Прв случај на мајмунски сипаници кај дете во Германија

Прв случај на мајмунски сипаници е откриен кај дете во Германија. Досега во таа земја се регистрирани повеќе од 2.900 случаи на мајмунски сипаници.
Германскиот институт за јавно здравје „Роберт Кох“ соопшти дека е заразено четиригодишно девојче од градот Форхајм на југозападот на Германија.
Девојчето, кое живее во заедничко домаќинство со двајца заразени, засега нема никакви симптоми. Болеста била откриена при преглед кога му зеле брис од грлото. Девојчето немало контакт со никој надвор од нејзиното домаќинство.
Првиот случај на мајмунски сипаници е потврден во Германија пред неполни три месеци, а од тогаш се регистрирани над 2.900. Повеќето од заразените се мажи, а само седум се жени.
Институтот „Роберт Кох“ нагласи дека според досегашните сознанија вирусот се пренесува преку близок контакт, главно при сексуален однос. Според нив, повеќето од заразените немаат тежок тек на болеста.
Во почетокот на мај мајмунските сипаници почнаа да се шират во светот од земјите од Западна и Централна Африка, каде што болеста е ендемична.
Најмногу нови случаи на инфекција се регистрирани во Западна Европа. Според Светската здравствена организација, само неколку деца се заразени во светот.
Европа
Премиерката на Естонија: Треба да престанеме да им даваме визи на Русите

Каја Калас, премиерката на Естонија, ги повика европските земји да престанат да издаваат туристички визи за Русите поради инвазијата на Украина, пишуваат медиумите во светот.
„Посетата на Европа е привилегија, а не човеково право. Авиосообраќајот од Русија е затворен. Тоа значи дека додека членовите на шенген-зоната издаваат визи за руските граѓани, соседите на Русија го носат товарот. Време е да се запре туризмот од Русија“, напишала Калас на „Твитер“.