Свет
Зеленски повторно исклучува избори во Донбас
Украина нема да одржи избори во Донбас сè додека не ја врати контролата над регионот, му рече украинскиот претседател Владимир Зеленски на претседателот на Националниот совет на Австрија (долниот дом на парламентот), Волфганг Соботка, пренесува ТАСС.
„Владимир Зеленски и претседателот на парламентот на Австрија одржаа детаљна дискусија за прашањата за одржување на изборите на териториите на Донбас, кои се привремено надвор од владината контрола.
Украинскиот претседател рече дека одржувањето на овие избори ќе биде невозможно сè додека не се повлечат странските трупи и нелегалните вооружени групи и Украина не ја врати контролата. Освен тоа, изборите мора да бидат фер и транспарентни, со запазени сите меѓународни стандарди“, соопшти прес-службата на украинскиот лидер.
Соботка, пак, рече дека Австрија поддржува решавање на источноукраинскиот конфликт преку преговори во форматот Нормандија, вклучувајќи ги Германија, Русија, Украина и Франција. Пакет-мерките за спроведување на договорите од Минск, потпишан на 12 февруари 2015 година, е основа за сите мировни преговори во Донбас.
Кон крајот на 2015 година, тогашниот германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер, изнесе план, кој подоцна стана познат како формулата на Штајнмаер.
Планот предвидува да му се додели посебен статус на Донбас во согласност со договорите од Минск. Документот, пред сè, предвидува специјалниот закон на Украина за локална самоуправа да стапи во сила во одредени области на регионите Донецк и Луганск на привремена основа на денот на локалните избори станувајќи постојан кога ОБСЕ ќе објави извештај за резултатите од гласањето.
Идејата беше одобрена на состанокот на нормандиската четворка во Париз на 2 октомври 2015.
Неодамна Киев повикуваше на ревидирање на договорите од Минск. Зеленски зборуваше за промена на редоследот на активности – конкретно во врска со предавањето на граничната контрола на Украина и спроведувањето на локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Западот сам се изолира, поттикнува антируска хистерија
Западот, обидувајќи се да ја изолира Русија, дозволи крајно срамни ситуации на мултилатерални настани, а на крајот дојде до самоизолација на западниот свет, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Имаше апсолутно срамни ситуации кога на меѓународни настани, како што е Г20, се договорија да не се ракуваат со руските претставници. Кога нè гледаа во ходниците во близина на салата за состаноци, се преправаа дека го тргаат погледот и бегаа од нас – возрасни луѓе“, рече Лавров во интервју за време на манифестацијата „Јолка желја“ (Божиќна желба), пренесе ТАСС.
Тој додаде дека Русија активно ја развива дипломатијата со она што сега го нарекува „глобално мнозинство“ во Азија, Африка и Латинска Америка, истакнувајќи дека Западот, всушност, сам се изолирал. Лавров, исто така, ги критикуваше европските политичари дека поттикнуваат антируска хистерија.
Свет
Министрите на Германија, Франција и Полска на состанок за поддршка на Украина
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска денес попладне ќе одржат состанок на таканаречениот „Вајмарски триаголник“, а форматот ќе биде доминиран од темата за поддршка на Украина, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Радослав Сикорски ќе се сретнат во Париз, еден ден откако Елисејската палата беше домаќин на самитот на „коалицијата на подготвените“, на кој беше изразена намера Франција, Велика Британија и партнерските сили да испратат воени единици во Украина во случај на мировен договор со Русија.
По состанокот на лидерите на коалицијата, американската делегација и украинскиот претседател Володимир Зеленски беше потпишана заедничка декларација за безбедносни гаранции за Киев, во која се наведува и дека Соединетите Американски Држави ќе интервенираат воено во случај на нов напад од Русија, како и дека ќе го водат механизмот за надзор на почитувањето на прекинот на огнот.
На состанокот на Вајмарскиот триаголник, формат покренат во 1991 година во истоимениот германски град, подоцна денеска треба да му се придружи и индискиот министер Субрахманијам Џајшанкар, со кого ќе се разговара и за зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Индија, но и за предизвиците во регионот на азиско-пацифичкиот простор.
Фото: Depositphotos
Свет
Венецуела ѝ се заблагодари на Русија за поддршката на Мадуро
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Хил Пинто, изрази благодарност до Русија за поддршката за лидерот на таа земја, Николас Мадуро, и за осудата на мешањето на САД во внатрешните прашања на Каракас.
„Венецуела и Русија се братски земји и стратешки сојузници. Владата на Боливарската Република изразува длабока благодарност за изјавата на Русија со која ги поддржува барањата на суверената нација и ослободувањето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес“, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесува „ТАСС“.
Нагласи дека Венецуела, исто така, го цени повикот на Русија да се почитува правото на самоопределување на венецуелскиот народ и нејзината осуда на странското мешање на Соединетите Американски Држави.
Постојаниот претставник на Русија при Обединетите нации, Василиј Небензја, на 5 јануари изјави дека Русија изразува силна солидарност со Венецуела и го поддржува курсот на владата во соочувањето со надворешната агресија.
Шефот на руската дипломатска мисија изрази надеж дека „меѓународната банда“ на Вашингтон ќе добие „објективна и сеопфатна оценка во меѓународно-правна смисла, со користење на универзалните механизми на ОН и други мултилатерални формати“.
Небензја, исто така, го повика американското раководство веднаш да го ослободи легитимно избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Соединетите Американски Држави на 3 јануари нападнаa цели во Венецуела, заробувајќи го претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.

