Свет
Зошто нема жртви во еден од најмоќните земјотреси во историјата?
И покрај исклучително силниот земјотрес со магнитуда од 8,8 степени што го погоди рускиот полуостров Камчатка, немаше пријавени жртви. Неколку лица беа повредени.
Руската академија на науките соопшти дека земјотресот е најсилниот што го погодил регионот од 1952 година. Неговата магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала го става меѓу 10-те најмоќни земјотреси досега. Исто така, беше најтешкиот од 2011 година кога катастрофален земјотрес со магнитуда од 9,1 степени ја погоди Јапонија предизвикувајќи масивно цунами и нуклеарна катастрофа во Фукушима.
Земјотресот предизвика цунами високо до четири метри, а дел од градот Северокурилск беше потопен. Земјотресот оштети згради и предизвика тревоги и евакуации во неколку земји од Пацификот. Како е можно да нема жртви?
Епицентарот на земјотресот бил во Тихи Океан. Американскиот геолошки завод објави дека земјотресот се случил на длабочина од 19,3 км, околу 125 км од Петропавловск-Камчатски, град со 165.000 жители на брегот на заливот Авача.
Епицентарот бил на повеќе од 100 км од најголемиот град Камчатка, кој, генерално, е еден од најретко населените региони во Евроазија. Полуостровот има вкупно население од речиси 342.000 жители, а фактот дека епицентарот бил на повеќе од 100 км од најголемиот град значително го намалил директното влијание врз поголемите популации.
Не се пријавени поголеми штети на клучната инфраструктура во градот. Исто така, беше потврдено дека Меѓународниот аеродром „Петропавловск-Камчатски“ работел нормално по катастрофалниот земјотрес.
Земјотресот оштетил градинка, но внатре немало никој.
Russia 🇷🇺!
The walls of the “Rodnichok” kindergarten in Petropavlovsk, Kamchatka Peninsula, collapsed following the 8.7-magnitude earthquake. No children were present at the time, as the building was under repair. pic.twitter.com/gQ0SaXlC9u
— Islamist Cannibal (@Raviagrawal300) July 30, 2025
„Според Геолошкиот завод на САД, областа има релативно мала популација, па затоа не се очекуваат поголеми штети или повреди на локалното население или имотот“, изјави научничката Каролина Орчистон, директорка на Центарот за одржливост на Универзитетот во Отаго, за Центарот за научни медиуми.
Руските научници нагласија дека иако земјотресот бил многу силен, неговата прецизна локација значително го намалила интензитетот на тресењето на земјата во областите во кои живеат луѓе, објавија руските медиуми.
Земјотресот од 1952 година уби над 2.000 луѓе во градот Северокурилск, истиот што сега е делумно потопен. Сепак, повеќето од тие жртви загинаа од цунамито, а не директно од земјотресот.
Камчатка и рускиот Далечен Исток се наоѓаат на Тихоокеанскиот Огнен Прстен, геолошки активна област позната по силни земјотреси и вулкански ерупции бидејќи неколку големи тектонски плочи се среќаваат и судираат таму. Камчатка е затоа една од најсеизмички активните области во светот и често доживува силни земјотреси.
Покрај фактот дека изградбата е приспособена на стандардите што им овозможуваат на зградите да издржат значителни сеизмички потреси, високото ниво на подготвеност на локалното население исто така одигра клучна улога во намалувањето на последиците.
Градоначалникот на округот, Александар Овсјаников, рече дека има доволно време за евакуација на сите од погодените острови. „Сите луѓе се во зоната за безбедност од цунами“, рече тој на кризниот состанок.
Гувернерот Валери Лимаренко им изјави на руските новински агенции дека најважно е да нема жртви. „Нашите Северокурилци се многу искусни, ова не е првпат да им се случи ова, 2.400 луѓе внимателно се искачија на повисоките области и сè уште се таму“, рече тој.
Експертите веруваат дека високиот степен на подготвеност на локалното население, вклучително и редовната едукација, вежбите за евакуација и навремениот одговор, е клучен фактор за намалување на последиците од толку силни земјотреси и цунами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

