Свет
Израелскиот амбасадор во ОН до специјалната известувачка: „Вие сте вештерка, се обидувате да нѐ проколнете“
 
																								
												
												
											Седницата на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации се вжешти откако израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, остро ја нападна специјалната известувачка Франческа Албанезе поради нејзиниот извештај во кој Израел се обвинува за кршење на човековите права и за меѓународната поддршка што ја добива.
„Госпоѓо Албанезе, секојпат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на волшепства“, изјави Данон обраќајќи ѝ се преку видео-врска.
Албанезе не можеше лично да присуствува на седницата, бидејќи САД ѝ воведоа санкции и ѝ ја укинаа визата во јули, со образложение дека вршела „нелегитимен притисок врз Меѓународниот кривичен суд“ за постапки против американски и израелски функционери.
Во најновиот извештај, Албанезе остро го критикува Израел, но и обвинува повеќе држави — меѓу нив САД, Велика Британија, Германија и Унгарија — дека се соучесници поради дипломатска или воена поддршка на Израел.
Канада, Австралија и Нов Зеланд се обвинети дека ги „ослабуваат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се спомнати затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да користи нивен воздушен простор и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот ги споменува и неколку арапски и муслимански земји, меѓу кои Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, поради поддршка на мировниот план на Доналд Трамп, кој, според Албанезе, „олеснува нов облик на окупација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Свет
Иран ја смета одлуката на САД за продолжување на тестирањето на нуклеарно оружје за неодговорна
 
														Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша плановите на Соединетите Американски Држави за продолжување на тестирањето на нуклеарно оружје како регресивни и неодговорни, објави агенцијата Франс Прес.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека издал наредба до Пентагон веднаш да продолжи со тестирањето на такво оружје.
„Насилник со нуклеарно оружје ги обновува тестирањата на атомско оружје. Истиот насилник ја демонизира мирноприродната нуклеарна програма на Иран“, рече иранскиот министер за надворешни работи во објава на социјалните мрежи како одговор.
Абас Арагчи, исто така, ја опиша одлуката како сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност.
Свет
Европската Комисија: Новите тестови на оружје на Русија не се чекори во вистинската насока
 
														Тестирањето на ракетата „Буревестник“ и торпедото „Посејдон“ од страна на Русија не е чекор во вистинската насока, изјави портпаролката на Комисијата, Анита Хипер.
„Ако тие навистина се нуклеарни, тие би можеле да шират радиоактивни супстанции“, додаде таа.
„Ова уште еднаш покажува дека наместо да избере мир, Русија продолжува со ескалацијата со својата реторика и дејствија“, додаде Хипер.
На прашањето дали овие обиди се закана за Европа, таа одговори дека Русија воопшто е закана за европската безбедност.
На прашањето за најавената намера на американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи со нуклеарните тестирања, што не е направено од 1990-тите, таа рече дека досега не е откриен таков обид од страна на САД и дека двете земји не треба да се изедначуваат.
Свет
„Фајненшл тајмс“: По напнат телефонски разговор бил одложен состанокот помеѓу Трамп и Путин
 
														САД го откажаа планираниот самит меѓу претседателот Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин поради цврстиот став на Москва за условите околу Украина, објави „Фајненшел тајмс“.
Одлуката уследила по напнат телефонски разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по кој Рубио го информирал Трамп дека Русија не покажува подготвеност за преговори.
Самитот требаше да се одржи во Будимпешта, но Москва инсистирала на барања кои вклучуваат територијални отстапки од Украина, намалување на украинската војска и гаранции дека земјата никогаш нема да се приклучи на НАТО.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Киев е подготвен за мировни разговори, но нема да ги повлече трупите од дополнително ослободените територии, како што бара Москва


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											