Свет
Израелските тенкови влегоа подлабоко во Рафа
Израелските тенкови влегоа подлабоко во западниот дел на Рафа во едно од најтешките бомбардирања во текот на ноќта од воздух, копно и море принудувајќи многу семејства да ги напуштат своите домови и шатори во темнина, изјавија жителите на градот за „Ројтерс“.
Жителите рекоа дека израелските сили напредуваат кон населбата Ал-Маваси во близина на плажата, која е означена како хуманитарна зона во сите израелски воени соопштенија и мапи од почетокот на офанзивата во Рафа во мај. Израелската армија негира дека извршила какви било напади во областа.
Израел тврди дека неговата цел е да ги уништи последните преостанати борбени сили на Хамас во Рафа, град што прими повеќе од еден милион бегалци. Повеќето од овие луѓе сега се преселија на север кон Хан Јунис и Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Израелската војска соопшти дека продолжува со „таргетираните операции засновани на разузнавање“ во Рафа. Во изминатите 24 часа војниците открија оружје и убиле палестински милитанти во блиска борба.
Во последните 24 часа израелската војска погоди 45 цели од воздух во Појасот Газа, вклучувајќи воени структури, милитантни ќелии, ракетни фрлачи и тунели.
Во меѓувреме, продолжуваат напорите да се постигне прекин на огнот, со посредство на Катар и Египет поддржани од САД.
Хамас го поздрави новиот предлог на САД за прекин на огнот, но со одредени измени, нагласувајќи дека договорот мора да обезбеди крај на војната и целосно израелско повлекување од Појасот Газа, што Израел продолжува да го отфрла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебе застрелано од мало дете кое во паркиран автомобил посегнало по наполнет пиштол во САД
Бебе било застрелано и убиено од мало дете кое додека биле во паркиран автомобил посегнал0 по наполнет пиштол и го повлекло чкрапалото, соопшти полицијата.
Пукањето се случило на паркинг во близина на медицински центар во Сан Антонио, Тексас.
Во возилото имало три деца и една жена, изјави началникот на полицијата на Сан Антонио, Вилијам Мекманус.
„Деца на возраст од 3, 2 години и 10 или 11 месеци биле во задниот дел на возилото“, рече тој.
Едно од постарите деца се фатило за наполнет долг пиштол што бил во задниот дел на возилото и „случајно го повлекол чкрапалото“, пукајќи во најмалото дете, рече началникот.
„Ова што го имаме денес овде е ужасна, страшна трагедија“, рече Мекманус на брифинг со новинарите.
Свет
Бразилскиот претседател Лула е стабилен по повредата на главата
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се чувствува добро денеска откако се здоби со повреда на главата во неговиот дом во текот на викендот, кога доживеа мало крварење на мозокот, изјави бразилскиот министер за институционални односи Александре Падиља.
Според лекарите Роберто Калил и Ана Хелена Гермољо, нов контролен преглед ќе биде извршен за 72 часа, пренесува Ројтерс.
Лекарите исто така потврдија дека бразилскиот претседател може да ја продолжи својата нормална работна рутина.
Свет
Ердоган: Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС
Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС и очекува дека претстојниот самит во Казан ќе даде поттик на овој потфат, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Искрено сакаме да ја продлабочиме нашата соработка со БРИКС. Верувам дека самитот во Казан значително ќе придонесе за овие напори“, рече Ердоган во Анкара.
Според турската телевизија ТРТ Хабер, Ердоган потврдил дека „на покана на рускиот претседател Владимир Путин утре ќе го посети Казан за да учествува на проширената средба на лидерите на БРИКС“.