Свет
Израелски министер: Не треба да се грижиме за гладот во Газа, светот нека се грижи за нив
Израелскиот министер за наследство, Амихај Елијаху, изјави дека Израел не треба да се грижи за гладот во Газа предизвикувајќи осуда од целиот политички спектар.
Според „Тајмс оф Израел“, десничарскиот политичар од партијата Оцма Јехудит ги отфрли обновените предупредувања на ОН за глад во опколената енклава тврдејќи дека израелската влада „брза кон уништување на Газа“.
„Фала му на Бога што го бришеме тоа зло. Цела Газа ќе биде еврејска“, изјави Елијаху за Радио Кол Барама во четвртокот, според Ynet.
„Не треба да се грижиме за гладот во Газа – светот нека се грижи за нив. Ниедна нација не ги храни своите непријатели. Дали целосно сме се изгубиле од умот? Дали треба да се грижиме за нивната вечера?“, додаде тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се дистанцира од забелешките велејќи дека Елијаху не е член на Советот за национална безбедност, кој одлучува за водењето на војната.
„Политиката на оваа влада е јасна и единствена. Неговите изјави не ја претставуваат владата“, рече Нетанјаху.
Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, исто така ги осуди коментарите на Елијаху нарекувајќи ги „погрешни, глупави и целосно нерепрезентативни за владата и за народот на Израел“. Во објава на X тој истакна дека Израел е посветен на создавање механизам за доставување хуманитарна помош до цивилите во Газа, „но не преку Хамас“.
Според локалните здравствени власти, повеќе од 59.000 Палестинци се убиени во Газа од октомври 2023 година, вклучувајќи најмалку 113 лица кои починале од глад. Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус, во средата изјави дека израелската блокада ја довела Газа на работ на масовен глад.
Филип Лазарини, шеф на агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA), го повика Израел да дозволи влез на 6.000 камиони со помош блокирани во Египет и во Јордан.
Во меѓувреме, израелските власти ги обвинуваат Хамас и другите вооружени групи за складирање резерви и напаѓање цивили на местата за дистрибуција на помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

