Свет
Израел: По грешка убивме тројца заложници, мислевме дека се закана
Одбранбените сили на Израел тврдат дека тројца израелски заложници во Газа по грешка биле идентификувани како закана и убиени.
„За време на борбите во Шеџаја во северниот дел на Газа, ИДФ по грешка идентификуваше тројца израелски заложници како закана. Како резултат на тоа, војниците пукаа кон нив и тие беа убиени“, изјави портпаролот на ИДФ Даниел Хагари на денешниот брифинг.
„За време на претресите и проверките во областа каде што се случи инцидентот, се појавија сомнежи за идентитетот на починатите лица. Нивните тела беа пренесени на израелска територија за испитување, по што беше потврдено дека станува збор за тројца израелски заложници“, додаде тој. , според Си-Ен-Ен.
Израелците велат дека го истражуваат инцидентот
Објавени се и имињата на двајцата убиени заложници: Јотам Хаим, киднапиран од Кибуц Кфар Аз; Самер Талалка, киднапиран од Кибуц Нир Ам. Семејството на третиот убиен заложник не сакаше да се објави неговото име. Хагари нагласи дека ИДФ веднаш почнала да го истражува инцидентот.
„ИДФ нагласува дека ова е активна борбена зона каде што се водеа борби во текот на изминатите неколку дена. Од настанот се извлечени веднаш поуки и се пренесени на сите војници на ИДФ на терен. ИДФ изразува длабоко жалење за трагичниот инцидент и упатува искрено сочувство до семејствата. Нашата национална мисија е да ги пронајдеме исчезнатите и да ги вратиме сите заложници дома“, рече тој.
Министерот за воен кабинет Бени Ганц напиша на X дека му е „скршено срцето“ од веста дека војниците по грешка убиле тројца заложници.
„Моето срце е со сите семејства на заложниците, како и со војниците кои извршуваат сложена и важна мисија, каква што не сме виделе од формирањето на државата. Одговорноста е да се победи оваа војна, а дел од таа победа ќе биде и враќањето на заложниците дома. Ќе направиме се што можеме за да ги вратиме живи“, напиша тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко
Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија веќе втор ден“, рече Зеленски.
Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија објави дека зазела пет локални населби.
Ситуацијата, рече Зеленски, е особено напната во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, кај селата Семенивка и Нетаилова.
Зеленски додаде дека попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден.
Свет
Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш не ја исклучи можноста за интервенција на француската армија во Украина, но истовремено изрази надеж дека неговата земја нема да мора да војува и да испраќа свои војници во војна.
Како што пренесува „Украинска правда“, Емануел Макрон рече дека во одреден момент Европејците треба да бидат подготвени да ја спречат Русија да напредува понатаму во Украина, но тој најискрено се надева дека нема да мора да се борат.
„Ако сакаме мир, мораме да го заштитиме. Затоа треба да се вооружиме и затоа треба да бидеме средство за одвраќање и убедување. Ако одите предалеку и ги загрозувате нашите интереси и нашата безбедност, тогаш јас не исклучувам интервенци во конфликтот“, рече Макрон.
Тој нагласи дека украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет се под закана, но истовремено владеењето на правото и општите правила се под закана.
„И ако оставиме сè како што е во Украина, тогаш ќе победи правото на посилниот. И не можеме да бидеме сигурни бидејќи тоа се случува на 1.500 километри. Значи, во Украина нашата иднина и нашата безбедност се во прашање“, заклучи францускиот претседател.
Свет
Големи пропалестински протести во Малме пред евровизиското финале, се бара исклучување на Израел од натпреварот
Денеска во центарот на Малме, Шведска се одржува масовен пропалестински протест поради учеството на Израел на овогодинешното натпреварување.
Голем број луѓе почнаа да се собираат на главниот плоштад во Малме од 16 часот.
Протестот почна на главниот плоштад во Малме, а насобраните од ова место се упатија кон арената Малме, каде што се одржува Евровизија.
Во четвртокот, кога претставничката на Израел настапи во втората полуфинална вечер, на улиците на Малме протестираа повеќе од 30.000 луѓе, според проценките на шведската полиција.
Барањата се исти – бојкот на Евровизија и исклучување на Израел од натпреварувањето.