Свет
Индијка запалена додека одела на судење за случај во кој била силувана
Дваесет и тригодишна жена од Индија, која била жртва на силување, се бори за живот откако била запалена од група мажи додека одела кон судот во северна Индија, објави Би-би-си.
Жената одела на сослушување за случајот во кој таа обвинила двајца мажи дека ја силувале, во март во државата Итра Прадеш. Таа сега е во критична состојба во болница, каде се лекува од тешки изгореници.
Петмина мажи, вклучително и двајцата обвинети дека ја силувале, се уапсени под сомнение дека ја запалиле, соопшти полицијата.
Жената се движела кон железничката станица, кога група мажи ја нападнале и ја одвлекле до некое место во близина, каде што ја запалиле.
Инцидентот се случил во областа Унао, каде неодамна се појавија вести за друг случај на силување. Полицијата во јули отвори истрага против пратеник од владејачката партија, откако жена, која го обвини за силување, беше сериозно повредена во сообраќајка. Тогаш беа убиени и две нејзини тетки, а нејзиниот адвокат беше повреден.
Последните случувања предизвикаа омраза и гнев во Индија, по случаевите со силување и убиство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА
Свет
Сирија распоредува илјадници војници и ракетни единици на границата со Либан
Сириското Mинистерство за одбрана соопшти дека ја засилило воената присутност на границата со Либан, додека осум сириски и либански извори за „Ројтерс“ навеле дека се распоредени ракетни единици и илјадници војници.
Според соопштението, војската ја зајакнала контролата долж границите со Либан и Ирак „за заштита и контрола на границите во услови на ескалација на регионалниот конфликт“.
Распоредените сили се дел од гранични и извиднички баталјони задолжени за следење на граничните активности и борба против шверц.
Сириски офицери изјавиле дека засилувањето почнало во февруари, но значително се забрзало во последните денови. Целта е да се спречи шверц на оружје и дрога, како и движење на либанскиот Хезболах или други милитантни групи поддржани од Иран, пренесе Ројтерс. Во меѓувреме, Хезболах продолжи да пука кон Израел, повеќе од една година по примирјето постигнато во 2024 година. Израел издаде наредба за евакуација на голем дел од јужен Либан, а во израелски воздушни напади загинале околу десет лица, додека илјадници жители побарале засолниште во Сирија.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos

