Свет
Инцидент во Египет: Балон на топол воздух со 28 туристи излезе од патеката, има повредени
Египетските власти ги прекинаа летовите со балон на топол воздух над градот Луксор, откако утрово двајца туристи беа полесно повредени за време на летот.
Според соопштението на Министерството за цивилно воздухопловство, балонот со 28 туристи излегол од курсот, но успеал да слета.
Две лица се повредени и се пренесени во болница каде им е укажана помош, се додава во соопштението, во кое, сепак, не е наведено како дошло до повредите, ниту, пак, е соопштена националноста на повредените туристи.
Само се нагласува дека балонот летал на височина од 60 метри кога излетал од патеката.
Од Министерството соопштија дека летовите со балони нема да продолжат додека истрагата не ја утврди причината за денешниот инцидент.
Балонот со топол воздух над Луксор, кој се наоѓа на 510 километри јужно од Каиро, е популарна туристичка атракција, а туристите можат да ги погледнат античките храмови лоцирани во Луксор. Инцидентите со балони не се невообичаени.
Балон со топол воздух кој превезувал патници се урна во близина на Луксор во 2013 година, при што загинаа 19 туристи, што е најсмртоносниот инцидент со балон со топол воздух во Египет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху најави дека израелските напади врз Иран ќе се интензивираат
Нападите на Израел врз Иран ќе продолжат да се интензивираат, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот со министерот за одбрана Израел Кац, началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, и шефот на Мосад, Дејвид Барнеа.
„Нашите сили сега напаѓаат во срцето на Техеран со зголемен интензитет, а ова само ќе се интензивира дополнително во наредните денови“, вели Нетанјаху од покривот на седиштето на ИДФ Кирја во Тел Авив.
„Сепак, ова се болни денови“, вели тој, осврнувајќи се на смртоносните ирански напади во Тел Авив и Беит Шемеш.
„Моето срце е со семејствата и во име на сите вас, граѓаните на Израел, им испраќам желби за брзо закрепнување на ранетите.“
Свет
Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади врз земјата.
„Никој не може да поверува во успехот што го имаме, 48 лидери исчезнаа одеднаш. И се одвива брзо“, беше цитиран Трамп во интервју за Фокс њуз.
Во посебно интервју за Си-Ен-Би-Си, тој вели дека американската операција во Иран е „пред предвидениот рок“.
Свет
Израелската војска пак го нападна Иран
Израелската војска соопшти дека нејзините сили започнале со спроведување нови воздушни напади врз иранскиот главен град.
„Воздухопловните сили сега започнаа нов бран напади во срцето на Техеран“, се вели во краткото соопштение на „X“.

