Свет
Италијанец се обидел да се вакцинира со лажна рака

Италијанец кој сакал потврда за вакцинација против Ковид-19, а да не се вакцинира, се појавил на закажан термин со лажна рака, соопштија властите.
Маж на околу 50 години се појавил на вакцинација со силиконски калап што му ја покривал десната рака, надевајќи се дека тоа ќе помине незабележано.
Меѓутоа, медицинската сестра не била измамена и мажот бил пријавен во полиција во градот Бијела, во северозападна Италија.
Медицинската сестра за локалните медиуми изјавила дека видела дека неговата кожа е гумена и студена, а пигментот пресветол, кога му го подигнала ракавот. Откако бил откриен, мажот се обидел да ја убеди сестрата да го затвори едното око, објави „Република“. Наместо тоа, таа го пријавила во полиција за измама.
Наводно се работи за човек кој е суспендиран од работа бидејќи не бил вакциниран, а вакцината е задолжителна за сите здравствени работници во Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Еден загинат, 33 повредени во напад на станбена зграда во Запорожје

33 лица се повредени по нападот на станбена зграда во Запорожје, а едно лице е убиено.
Русија објави дека зградата била погодена од украинска ракета за воздушна одбрана која била насочена кон руски проектил, додека Украинците тврдат дека зградата да погодил руски проектил.
Оштетени се и игралиштето и паркингот во близина на зградата, преполни со стакло и друг шут.
Уништени се автомобили паркирани во близина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно објави видео за кое вели дека покажува како руски проектил погодува станбена зграда во Запорожје, југоисточна Украина.
Напаѓаат станбени зони „каде што живеат обични луѓе и деца“, пишува Зеленски.
„Ова не смее да стане „уште еден ден“ во Украина или на кое било друго место во светот. На светот му треба повеќе единство и одлучност за побрзо да го победи рускиот терор и да ги заштити животите“, се вели во објавата.
Свет
Пукање во училиште во Денвер – ученик повреди двајца професори, полицијата трага по напаѓачот

Двајца возрасни лица се повредени денеска при пукање во средно училиште во Колорадо.
Пукањето се случило во средното училиште „Ист“, а напаѓачот е во бегство, соопшти локалната полиција, пренесува „АП“. Во инцидентот повредени се двајца членови на наставниот кадар.
„Ученик застрела и рани двајца возрасни во средно училиште во Денвер во средата. Едниот е на операција, а другиот е стабилен и може да зборува за тоа што се случило“, изјави градоначалникот Мајкл Хенкок за „Си-Ен-Ен“.
Полицијата во Денвер на „Твитер“ објави дека реагирала на пукањето во средното училиште.
„Засега две возрасни лица се пренесени во локална болница. Се верува дека осомничениот повеќе не е на местото на настанот и дека инспекторите работат на добивање дополнителни информации“, според твитот од полицијата во Денвер.
Училиштето беше затворено додека полицијата го истражуваше пукањето.
Свет
Шведска го усвои законот за пристапување во НАТО додека чека ратификација

Шведскиот парламент денеска официјално го одобри законот кој ќе и’ овозможи на земјата да се приклучи кон НАТО откако неговата апликација ќе биде ратификувана од сите 30 членки на алијансата, пишува „Ројтерс“.
Шведска и соседна Финска поднесоа барање за влез во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина. Сепак, тој процес е попречен од Турција, која, како и Унгарија, допрва треба да ги ратификува шведските и финските барања.
Очекувано, шведскиот парламент го усвои законот со големо мнозинство од 296 гласови за и 35 против. Партиите на левицата и зелените гласаа против.
Со влезот во НАТО, Шведска ќе стави крај на двовековната воена неутралност. Шведска особено се соочува со приговори од Турција, која тврди дека во Стокхолм има членови на терористички групи, што шведските власти го негираат.
Анкара бара екстрадиција на луѓето кои ги смета за терористи како услов за давање зелено светло за членството на Шведска во НАТО. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела изјави дека турскиот парламент ќе почне да го ратификува пристапот на Финска во НАТО, но го одложи во случајот со Шведска.
Истиот ден, унгарскиот парламент објави дека ќе гласа за ратификација на приемот на Финска во НАТО на 27 март, но не и на Шведска.