Европа
Италијанските градови под клуч за време на празниците
Патувањето помеѓу италијанските покраини ќе биде забрането од 21 декември до 6 јануари, а луѓето нема да смеат да го напуштаат градот на 25 и 26 декември и 1 јануари.
Италијанската влада соопшти дека воведува забрана за време на новогодишните празници со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Новите правила, заедно со веќе воведениот полициски час, ќе се обидат да ја запрат циркулацијата на вирусот низ земјата за време на празничниот период, со ограничување на бројот на луѓе собрани на едно место.
„Ако го спуштиме гардот сега, третиот бран нè чека веднаш зад аголот“, рече министерот за здравство Роберто Сперанца.
Тој ги советуваше граѓаните да не одат кај пријатели, роднини, соседи, туку да бидат само со членовите на нивното семејство.
Другите ограничувачки мерки ќе бидат воведени во текот на денот, а се очекува секој што ќе влезе во Италија да биде должен да помине десет дена во карантин, почнувајќи од 20 декември. Овој потег е со цел да ги спречат Италијанците да одат во ски-центрите, кои се отворени во некои европски земји.
Кафулињата и рестораните ќе останат затворени во регионите кои се во црвена или портокалова зона, додека во жолтата зона, угостителските објекти можат да работат до 18:00 часот, додека полицискиот час е во сила низ целата земја од 22:.00 часот.
Во жолтите зони, каде што рестораните се отворени, владата сè уште размислува дали да им дозволи да служат ручек на Божик и ден подоцна, на 26 декември.
Затворени ќе бидат скијачките центри, како и крстарењата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Русите тврдат дека целосно го освоиле Купјанск: пристигна првата реакција од Украинците
Генералштабот на украинската војска остро ги негираше тврдењата на началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов дека руските сили го освоиле Купјанск. Герасимов за наводниот пад на градот го известил директно рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата посета на командното место, но Киев вели дека градот останува под украинска контрола, пишува „Киев Индепендент“.
Kupyansk has been liberated, Gerasimov reported to Putin.
In liberated Kupyansk, individual small enemy groups are being destroyed, the commander of the Zapad group reported.
🔹 RIA Novosti pic.twitter.com/zpc3H45OEb
— Victor vicktop55 commentary (@vick55top) November 20, 2025
„Купјанск останува под контрола на Одбранбените сили на Украина“, објави Генералштабот. „Во и околу Купјанск, во тек се контрасаботажни операции и специјални операции за пребарување и уништување против непријателски извидувачки и саботажни групи кои се инфилтрирале во градот“.
Во соопштението се додава дека „раководството на терористичката држава продолжува да произведува евтини информативни провокации“ со цел да ги прикрие „критичните“ руски загуби. Да потсетиме, украинските сили за специјални операции објавија видео на кое се гледаат жестоки улични борби во градот Купјанск во регионот Харков.
Купјанск, стратешки важен град во Харковската област, повторно стана место на жестоки борби, додека Русија продолжува со своите обиди за напредување во регионот.
Градот е затворен за цивили од 28 септември поради тековните борбени операции и заканата од руски саботажни групи. Заземањето на Купјанск е главната цел на Русија во Харковската област, потврди претходно Олексиј Белски, портпарол на оперативно-стратешката команда на Дњепарк.
фото: принтскрин
Европа
Жестоки експлозии во украински град: руски насочувани бомби убија пет лица
Во руски ноќен напад врз градот Запорожје загинаа најмалку пет лица, а осум беа повредени, соопштија локалните власти. Регионалниот гувернер, Иван Федоров, ги потврди бројките на жртви во петокот околу 4:30 часот по локално време, објави „Киев Индепендент“.
Првите извештаи за нападот се појавија доцна синоќа, кога низ целиот град се слушнаа силни експлозии. Според Федоров, руските сили користеле насочувани воздушни бомби од типот КАБ.
Огромна штета на цивилните објекти
Бомбите предизвикаа голема штета на цивилната инфраструктура, при што беа оштетени најмалку пет повеќекатни станбени згради. Сите служби за итни случаи се на местото на настанот, кои работат на гаснење на пожарот и проценка на вкупната штета.
фото: принтскрин
Европа
Уште една девојка починала во Турција од труење: медиумите повлекуваат морничава паралела со смртта на семејството на одмор
По трагичната вест дека четиричлено германско семејство починало од труење додека биле на одмор во Турција, медиумите прават застрашувачка паралела со друг случај на труење во кој е вклучена млада студентка. Уште позастрашувачки е што и семејството и девојката биле од Хамбург.
Марлен П. (23) била отруена во Истанбул минатата година. Според извештаите на турските медиуми, се сомневало на труење со храна – како што првично беше случајот со семејството од Хамбург. Ова го потврди адвокатот на семејството на Марлен П., кое јадело суши таа вечер. Сепак, дури во август оваа година, форензичкиот извештај откри дека таа веројатно починала од пестициди.
Марлен П. живеела на вториот кат од станбена зграда во Истанбул една година како дел од програмата Еразмус, објавува „Билд“. Во извештајот се наведува дека третманот против креветни бубачки применет на првиот кат се претворил во гас и се проширил низ целата зграда.
Според „Хамбургер Моргенпост“, таа се разбудила во текот на ноќта на 2 ноември 2024 година, чувствувајќи мачнина и повраќање. Нејзините цимерки решиле да одат на лекар, но Марлен одбила. Кога цимерките се вратиле дома, Марлен била уште полоша. Повикале брза помош, но девојчето набргу починало во болница. Јавното обвинителство продолжува да го истражува случајот.
„Поради присуството на креветни бубачки на првиот кат од четирикатната зграда, прозорците беа залепени со селотејп и беше испрскан пестицид. Пестицидот се претвори во гас и се прошири на горните катови. Силен мирис беше откриен и во станот на вториот кат, каде што живееше Марлен. Едногласно е договорено дека лицето починало како резултат на труење поради пестициди што се користат за убивање на креветни бубачки, кои се претвораат во гас и се шират низ целата зграда“, се вели во августовскиот извештај.
Што се однесува до смртта на родителите и двете деца од Хамбург, според компанијата за контрола на штетници повикана во хотелот по смртта на семејството Бечек, хемикалиите биле правилно испрскани во една од другите соби.

„Дури и ја залепив вратата од собата пред да го напуштам хотелот по прскањето. Никогаш немав никакви проблеми со претходните операции на прскање“, рече еден вработен.
Иако првично се сомневаше дека семејството претрпело труење со храна откако пробало улични деликатеси, прелиминарниот извештај сугерира дека веројатно станува збор за хемиско труење.
Како одговор, властите во Истанбул сега наредија 24-часовен надзор на бизнисите. Од сите бизниси се бара да снимаат аудио и видео снимки дење и ноќе и да ги чуваат 30 дена, соопшти канцеларијата на гувернерот на покраината Истанбул.
Дополнително, уличните продавачи и компаниите за контрола на штетници ќе бидат предмет на почести инспекции.
Истрагата за смртта на семејството продолжува.
фото: принтскрин

