Свет
Катар соопшти дека една иранска ракета ја погодила американска база, нема штета или жртви

Катар синоќа потврди дека една иранска ракета ја погодила американската воздухопловна база Ал Удеид на нејзина територија без да предизвика жртви или штета, додека останатите проектили биле пресретнати и паднале во морето, јавува „Анадодлија“.
Оваа информација ја потврди заменик началникот на Генералштабот на вооружените сили на Катар Шаек ал Хајри за време на прес-конференција во Доха.
Првиот бран вклучувал седум проектили, од кои сите биле пресретнати и паднале во морето пред да стигнат до нивната цел. Вториот бран се состоел од 11 ракети, од кои само една ја погодила базата без жртви или материјални загуби, додека останатите ракети биле соборени, додаде тој.
Говорејќи на истиот брифинг, портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари рече дека земјата го обезбедила својот воздушен и поморски простор, како одговор на иранските закани дека ќе ги таргетираат американските бази во регионот.
Иран лансираше низа проектили врз американската воздухопловна база Ал Удеид во Катар, што означи драматична ескалација на тензиите откако САД извршија напади врз три нуклеарни постројки во Иран во неделата.
Регионалните тензии нагло ескалираа во неделата откако САД бомбардираа три ирански нуклеарни постројки во Фордо, Натанц и Исфахан.
Американските напади се најновата ескалација на израелските напади врз Иран кои започнаа на 13 јуни, што го натера Техеран да возврати на Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Снимена планета оддалечена 110 светлосни години

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за прв пат сними планета надвор од Сончевиот систем, од која е оддалечена 110 светлосни години, објавија научниците.
„Веб“ направил директна фотографија од млада планета, тип на гасен џин со големина на Сатурн, која орбитира околу ѕвезда помала од Сонцето, оддалечена околу 110 светлосни години од Земјата во соѕвездието Антил, велат истражувачите.
Планетата орбитира околу својата ѕвезда, наречена TWA 7, на растојание од околу 52 пати поголемо од орбиталното растојание на Земјата од Сонцето, а за споредба, Нептун орбитира околу 30 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата, објавува Ројтерс.
Новооткриената планета и нејзината ѕвезда се екстремно млади – стари околу шест милиони години, во споредба со возраста на Сонцето и нашиот Сончев систем од приближно 4,5 милијарди години.
Повеќето од приближно 5.900 егзопланети откриени од 1990-тите години наваму се откриени со индиректни методи, како што е набљудување на мало затемнување на светлината на ѕвездата кога планета поминува пред неа, наречен метод на транзит.
Помалку од два проценти од планетите надвор од Сончевиот систем се директно фотографирани, како што направи „Веб“ со новоидентификуваната планета.
Иако оваа планета е голема кога се гледа во контекст на нашиот Сончев систем, таа е всушност најмалку масивната планета откриена со директно снимање и 10 пати помала од планетата за која претходно се сметаше дека е најмала.
Свет
Кремљ: Путин нема да оди во Бразил на самитот на БРИКС поради потерницата

Рускиот претседател Владимир Путин нема да патува на самитот на БРИКС во Бразил следната недела поради важечка потерница издадена против него од Меѓународниот кривичен суд (МКС), изјави денес помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
МКС ја издаде потерницата во 2023 година, нешто повеќе од една година, откако Русија започна тотална војна против Украина, обвинувајќи го Путин за воен злостор за депортирање стотици деца од Украина.
Русија ги отфрла обвиненијата за воени злосторства, а Кремљ, кој не го потпиша основачкиот договор на МКС, ја прогласи наредбата за ништовна. Но, ова значи дека Путин мора да го процени ризикот од евентуално апсење ако патува во една од државите потписнички на статутот на МКС, според светските медиуми.
Ушаков рече дека Путин ќе присуствува на самитот на БРИКС во Бразил на 6 и 7 јули преку видео врска. „Ова се должи на одредени тешкотии во контекст на барањето за МКС. Во овој контекст, бразилската влада не можеше да заземе јасен став што би му дозволил на нашиот претседател да учествува на овој состанок“, рече Ушаков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе отпатува на самитот и ќе ја претставува Русија. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг, исто така, ќе го прескокне самитот, според извештаите на медиумите.
Свет
Израелски пратеник: Не разбирам за што се бориме во Газа

Моше Гафни, израелски пратеник и лидер на ултраортодоксната фракција Дегел Хатора, рече дека не разбира за што се бори Израел во Газа.
Отворајќи го состанокот на Комитетот за финансии на Кнесетот, Гафни рече дека е благодарен на Бога и на американскиот претседател Доналд Трамп за завршувањето на војната со Иран, пред да изрази сочувство за смртта на седум израелски војници во Газа вчера.
„Но, до овој момент не разбирам за што се бориме таму. Не разбирам каква е потребата. Што ќе правиме таму кога војници постојано се убиваат? Не го разбирам ова. Ни треба Трамп да дојде тука и да каже дека ги враќаме заложниците, да ги запреме сите овие работи и да се вратиме во нормала. Но, очигледно сè уште не сме го заслужиле тоа“, забележа тој.