Свет
Ким Џонг-ун доби подарок автомобил од Путин
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун доби подарок автомобил од рускиот претседател Владимир Путин „за лична употреба“, објавија државните медиуми, што претставува можно прекршување на санкциите на ОН што Москва исто така ги усвои против Пјонгјанг.
Двете земји воспоставија поблиски врски откако Ким и Путин се сретнаа во септември и ветија дека ќе промовираат размена во сите области додека нивната меѓународна изолација се продлабочува поради руската војна во Украина и развојот на нуклеарно оружје на Северна Кореја, анализираат медиумите.
Автомобилот од руско производство беше предаден на соработниците на Ким на 18 февруари, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Сестрата на Ким „љубезно ѝ ја пренесе на руската страна благодарноста на Ким Џонг-ун до Путин велејќи дека подарокот служи како јасна демонстрација на посебните лични односи на највисоките лидери“, објави КЦНА.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопшти дека внимателно ја следи соработката меѓу Русија и Северна Кореја, а истовремено ги повика двете земји да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
„Санкциите на Советот за безбедност забрануваат директно или индиректно снабдување, продажба или пренос во Северна Кореја на сите транспортни возила меѓународно категоризирани како HS код 86 до 89, без оглед на нивното потекло, вклучувајќи ги и луксузните автомобили“, изјави портпаролот на Министерството, Лим Со-сук, на прес-конференција.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската државна новинска агенција РИА изјави дека корејскиот лидер добил автомобил „аурус“.
Според веб-страницата на производителот на автомобили, автомобилот е првиот голем луксузен седан во Русија.
Тоа е и претседателскиот автомобил на Путин.
Според последните информации, Ким е страсен ентузијаст за автомобили и има голема колекција луксузни странски возила за кои се верува дека биле шверцувани.
Се верува дека Северна Кореја ја снабдува Русија со артилерија, ракети и балистички ракети за војната против Украина.
Кремљ ниту демантира ниту потврди дека користи оружје од севернокорејско производство. Северна Кореја ги отфрла обвинувањата за испорака на оружје за Русија, што исто така би било кршење на санкциите на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

