Свет
Кина со години се подготвува за царините на Трамп, вели уредник на „Економист“
Кина внимателно и долгорочно се подготвуваше за царините од Вашингтон и има низа краткорочни и долгорочни контрамерки, тврди Дејвид Рени, уредник за геополитика на „Економист“.
Во интервју за Би-би-си, Рени вели дека кинеските функционери и академици со кои неодамна разговарал во Пекинг, свесно очекувале трговски конфликт за време на претседателската кампања на Трамп.
„Кина сака да планира. Сакаат петгодишни планови. За нив е исклучително тешко да се справат со таков каприциозен, трансакциски американски претседател“, рече Рени.
„Тие се подготвуваа многу внимателно и многу долго. Имаа краткорочни подготовки специфични за САД, но и долгорочни мерки за да се обидат да ја преориентираат и ребалансираат целата нивна економија, да ја намалат зависноста од извозот“, додаде тој.
Еден од најјасните примери на кинеската стратегија е воведувањето царини за американската соја. Рени истакнува дека мерката директно влијае на гласачката база на Трамп во средниот запад на САД, додавајќи дека Пекинг може истовремено да набавува соја од Бразил и Аргентина.
„Логиката во Пекинг оди вака: Што можеме да направиме за да ги повредиме гласачите на Трамп, да го привлечеме неговото внимание и да го купиме на друго место?“, објасни Рени.
Од утрово стапија на сила кинеските царини од 84 отсто за американските стоки, како одговор на тарифите од 125 отсто што претходно ги наметна администрацијата на Трамп. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот развој на настаните може силно да го погоди американското земјоделство, но и да ги зголеми цените за американските потрошувачи.
Засега и двете страни не покажуваат знаци на попуштање. Пекинг вели дека „ќе се бори до крај“, додека слични пораки доаѓаат од Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пламен под авион што долетал од Барселона на аеродромот во Букурешт: инцидентот се истражува
Националната компанија за аеродроми во Букурешт денес објави дека во текот на изминатата ноќ, претставници на Романската аеродромска служба (RAS) забележале дека се појавиле пламени под кабината на авионот „Vizеr“, кој долетал од Барселона за Букурешт.
Техничкиот персонал, кој бил присутен на лице место, ја отстранил опремата за снабдување на авионот со електрична енергија за да го избегне инцидентот, објавува денес порталот„Digi24“.
Авионот слетал на меѓународниот аеродром „Аурел Влаику“ во близина на Букурешт од Барселона во 1:18 часот, а во времето на инцидентот повеќето од 225 патници веќе го напуштиле авионот.
Од безбедносни причини, капетанот одлучил да го активира лизгачкиот излез во случај на вонредна состојба, кој ниту еден од патниците немал потреба да го користи.
За време на инцидентот, кој траел кратко, патниците не биле во опасност и не е предизвикана материјална штета.
Авионот бил подложен на детална техничка проверка, а инцидентот го истражуваат надлежните органи.
Фото: принтскрин
Свет
Началник на Генералштабот на Франција: Се подготвуваме за можен конфликт со Русија
Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал на воздухопловните сили Фабиен Мандон, денес изјави дека се во тек подготовките на припадниците на вооружените сили на таа земја за можна војна со Русија, за што зборуваше и во својот говор пред пратениците во францускиот парламент, кога предупреди дека армијата мора да биде подготвена за можен конфликт со Русија во рок од три или четири години.
Во интервју за „Квест Франс“, Мандон рече дека францускиот претседател Емануел Макрон го замолил да предложи опции за да се обезбеди континуирана заштита на францускиот народ и интересите на земјата, за што зборувал и во своето обраќање пред членовите на Комитетот за одбрана на францускиот парламент на 22 октомври.
„Ги споделив моите забелешки со народните претставници за да можеме да ги предвидиме (настаните) и да донесеме правилни одлуки. Ја гледам еволуцијата на Русија – во 2008 година ја нападна Грузија, во 2014 година го анектираше Крим, во 2022 година беше Украина. Русија ја смета Европа за слаба. Знам дека се реорганизира воено за да може да се вклучи во борбата против земјите од НАТО. Мора да се подготвиме за тоа“, рече Мандон.
Кога го прашале кои докази го довеле до таков заклучок, Мандон одговорил дека тоа е збир на различни индиции и разузнавачки информации.
„Оваа проценка ја делат и нашите блиски сојузници. Шефот на германската разузнавачка служба неодамна зборуваше за тоа, перцепцијата на Германија е иста како нашата, исто така и на Велика Британија. Претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили на Соединетите Американски Држави е исто така исклучително загрижен за Русија и нејзините сè поблиски врски со различни сили – Иран, Кина и Северна Кореја. Севернокорејците се борат против Украина на нашиот континент. Русија веќе го глобализираше украинскиот конфликт“, истакна Мандон.
Тој рече дека француските сили, во подготовка за потенцијален конфликт со Русија, редовно учествуваат во вежби од голем обем во услови на многу сериозни битки со противник кој има голема моќ, како што е Русија, пренесуваат медиумите во регионот.
Мандон најави организирање на нова вежба следната година, наречена „Орион 2026“, во која ќе учествуваат вооружените сили на Франција и сојузничките земји.
Генералот изјави дека верува оти вклучувањето на целото француско општество е од суштинско значење за заштита од агресијата на друга земја.
„Шок од ваков вид бара многу повеќе од само вооружените сили, туку и поддршка од целата земја. Русија ги проучуваше нашите општества и знае дека нашата сила лежи во единството. Ако успее да нè фрагментира и подели, може да победи“, рече Мандон.
Како неколку примери за обиди за дестабилизација на француското општество, тој ги наведе лажните ковчези, кои беа поставени пред Ајфеловата кула во јуни, и свинските глави, кои беа поставени пред неколку џамии во Франција на почетокот на септември.
Фото: принтскрин
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави „Екатимерини“.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината вода што падна на островот како невидена.
Одлуката за затворање сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна процена на штетите на патот.
Фото: принтскрин

