Свет
Кинескиот министер за надворешни работи: Обидите да се искористи Тајван за да се спречи развојот на Кина се осудени на неуспех

Целосното обединување на Кина со Тајван е историска неминовност, изјави денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, по повод посетата на Тајван на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
„Постигнувањето на целосно национално обединување е општа тенденција и историска неминовност“, истакна Ванг – пренесува РИА Новости.
Кинескиот министер за надворешни работи им препорача на САД да не сонуваат да ја попречуваат големата цел за повторно обединување на Кина.
Тој посочи дека Кина нема да остави простор за акција на силите кои се залагаат за независност на Тајван.
– Колку и да се оддаваат САД на „независноста“ на островите, тие напори ќе бидат залудни – рече Ванг.
Тој изјави дека обидите да се искористи Тајван за да се спречи развојот на Кина се осудени на неуспех и ги повика САД веднаш да престанат да играат на „картата на Тајван“ за да се создаде хаос во Азиско-пацифичкиот Регион.
Ненси Пелоси е во посета на Тајван, што предизвика остра реакција на Кина, која го смета Тајван за дел од својата територија.
Кинеската војска почна со вежби во водите околу Тајван, кои ќе траат до крајот на неделата, пренесе Блиц.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Aвстрија: Наставниците позитивни на коронавирус, а без симптоми, ќе држат предавања

Министерот за образование на Австрија, Мартин Полашек, смета дека наставниците заразени од коронавирус, а кои немаат симптоми, треба да ги подучуваат учениците, пишуваат медиумите во регионот.
Полашек истакнал дека укинувањето на карантинот важи и за наставниците заразени со Ковид-19 и дека тие, како и вработените во други области, треба да работат, со обврска да носат маска ФФП2.
Тој нагласил дека постојат единствени правила на Министерството за здравство за сите вработени и дека тие мора да се применуваат и за педагозите.
„Доколку се појави нов вид, кој исто така е многу заразен и води до сериозни болести, правилата ќе треба да се преиспитаат“, објаснил тој.
Најавил дека конечните правила за есента ќе бидат објавени на 29 август.
Покраините во кои на 5 септември почнува новата учебна година најавиле дека нема да ги принудуваат заразените педагози да предаваат во училиштата.
Синдикатот на наставниците го критикувал министерот Полашек.
„Тешко е да се разбере дека децата што се позитивни на корона мора да седат во училницата, а наставниците што се заразени да предаваат“, изјавил претседателот на синдикатот, Пол Кимбергер.
Регион
Пожар го опустоши Закинтос, наредена евакуација на селата во северниот дел

Наредена е евакуација во селото Мегала Алонија, во северниот дел на јонскиот грчки остров Закинтос, бидејќи шумски пожар ја загрозува областа.
Жителите на тоа село добиле порака преку телефонскиот број за итни случаи да се евакуираат кон селото Ано Волимес, пренесува „Катимерини“.
Од противпожарната служба во соопштението се наведува дека на гаснење на пожарот работат 24 пожарникари со 10 противпожарни возила, со помош на пет водни млаза и еден хеликоптер, пренесе „Телеграф.рс“.
Европа
Снимена руска нуклеарна подморницa; „Дејли мејл“: „Ова не сме го виделе од Студената војна“

Руската нуклеарна подморница, попозната како „ајкула“, била забележана на брегот на Норвешка откога била следена од ловецот на подморници, поморскиот патролен авион „посејдон П-8“, пишува „Дејли мејл“.
Сидарт Каушал од Кралскиот институт за Обединетите служби, за британскиот таблоид потврдил дека тоа е токму таа подморница.
„Во неделата вечерта го видовме ‘посејдон П-8’. Во понеделникот ги видовме сите бродови на НАТО и една подморница на површината. Можевме да го слушнеме разговорот на радиото меѓу бродовите и авионите и, дефинитивно, имаше британски акценти“, изјавил инженерот што го снимил видеото.
Ова е само еден од низата инциденти во последните неколку месеци. Имено, по влошувањето на односите меѓу Западот и Кремљ поради руската инвазија на Украина, на тој простор е забележано нагло зголемување на подводните патроли, пренесува медиумот.
„Тоа е игра на мачка и глушец меѓу патролите на подморницата и земјите низ кои минуваат“, рекол Каушал, кој верува дека подморницата видена покрај норвешкиот брег можеби е дел од руската северна флота, која се враќала од Денот на морнарицата, парада во Санкт Петербург.
Според медиумите, се анализира дека активноста на руските подморници е на нивоа што не биле забележани од Студената војна.
Сличен инцидент се случил и во јули кога британски воен брод на Кралската морнарица го надгледувал движењето на две руски подморници во областа. Од Министерството за одбрана не сакале да го коментираат последниот инцидент. „Вооружените сили на ОК и нивните сојузници редовно ги надгледуваат бродовите додека минуваат низ меѓународните води“, кусо изјавиле.