Свет
Кинески дисидент ги предупредил САД за коронавирусот уште во ноември 2019 година

Најпознатиот кинески дисидент, кој побегна во САД, ги предупредил разузнавачките служби таму во ноември 2019 година дека коронавирусот се шири во Вухан. Според американските медиуми, тоа било шест недели пред кинеските власти да објават дека има епидемија на коронавирусот.
Веи Џингшенг, основачот на Кинеското демократско движење, откри во новата книга „Што навистина се случи во Вухан“ дека првпат слушнал за мистериозниот нов вирус на Светските воени игри во октомври 2019 година во Вухан.
Според „Њујорк пост“, поранешниот инсајдер во Комунистичката партија на Кина бил загрижен и ги предупредил американските разузнавачки служби за инфекцијата, како и американскиот политичар кој бил поврзан со претседателот на САД, односно активистот за човекови права, Дејмон Лиу.
На прашањето дали разузнавачките служби го сфатиле сериозно во врска со неговите тврдења за вирусот во Вухан, Веи рекол дека „не биле многу загрижени“.
„Имав чувство дека не се многу загрижени, па се потрудив да им дадам уште подетаљни информации. Можеби тие не веруваа дека владата на една земја ќе сака да прикрие вакво нешто. Така постојано повторував во обид да ги убедам“, рекол Веи.
Тој изјавил дека е многу загрижен бидејќи, како што нагласил, на кој начин и да го ослободил вирусот комунистичкиот режим, имал чувство дека „Западот не е подготвен“.
Кинескиот дисидент објасни дека дознал за вирусот преку неговите контакти во Пекинг, кои се на високи позиции во земјата.
„Тој разговараше со Дејмон и некои други американски политичари во Претставничкиот дом за опасноста од оваа ситуација. Некои претставници на Белата куќа исто така присуствуваа на тие разговори во ноември 2019 година“, посочи тој.
Веи не сакаше да открие со кој американски политичар бил во контакт.
„Не сум сигурен дека политичарот би сакал да зборувам за него. Сепак, сакам да кажам дека тој беше политичар на доволно висока позиција за да стигне до претседателот на САД”, објасни овој дисидент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.