Свет
Коалицијата против ИД ја заврши борбената мисија и го напушта Ирак

Ирак објави дека коалицијата предводена од Америка, која се борела против екстремистичката Исламска држава, ја завршила својата борбена мисија и ја напуштила земјата.
„Мисијата на коалицијата сега е ограничена на советување и поддршка на стратешкиот дијалог“, соопшти ирачката влада.
Нема повеќе странски борбени единици во Ирак, се додава.
Претходно оваа година, Ирак и Соединетите Американски Држави се согласија дека коалициските сили повеќе нема да извршуваат борбени мисии.
И коалицијата против ИД во петокот потврди дека нејзината борбена мисија во Ирак е завршена и отсега ќе дава совети за ирачката армија и Пешмерга, како што се нарекуваат безбедносните сили на автономната ирачка провинција Курдистан.
Алијансата за борба против ИД е основана откако радикалната група освои големи делови од северен Ирак и соседна Сирија со прогласување калифат.
Во меѓувреме, ИД ја изгуби освоената територија, но сѐ уште е активна и извршува напади во двете земји.
Ирак прогласи победа над ИД во декември 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Патрушев: Земјите од НАТО се страна во конфликтот во Украина

Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, смета дека земјите од НАТО се страна во конфликтот во Украина.
Земјите на НАТО ја направија Украина еден голем воен камп, не криејќи ја својата главна цел – да ја поразат Русија на бојното поле, а потоа да ја распарчат – рече Патрушев во интервју за руска „Газета“.
„ Тие (земјите од НАТО) испраќаат оружје и муниција на украинските војници, им обезбедуваат разузнавачки информации, вклучително и помош од сателити и значителен број беспилотни летала – рече Патрушев, пренесува РИА Новости.
Тој изјави дека инструктори и советници на НАТО ја обучуваат украинската армија, додека, како што рече, „платеници се борат како дел од неонацистичките баталјони“.
Патрушев рече и дека Соединетите Американски Држави одамна станале шампиони по бројот на започнати војни во различни делови на светот и нарушување на суверенитетот на другите земји.
Европа
Сообраќаен колапс во Германија-Поради генералниот штрајк, возовите, автобусите и авионите не сообраќаат

Генералниот еднодневен штрајк во транспортниот сектор во Германија, целосно го парализираше железничкиот, воздушниот и поморскиот сообраќај.
Штрајкуваат членовите на синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и синдикатот на железничарите. Штрајкот го зафати целиот меѓуградски железнички сообраќај, речиси целиот градски сообраќај и повеќето аеродроми. Штрајкот го опфаќа и водениот сообраќај во Германија и автопатиштата.
Синдикатите бараат повисоки плати, особено изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати. Синдикатот „Верди“ бара зголемување од 10,5 отсто за своите 2,5 милиони вработени.
И покрај штрајкот, нема затворање на тунелите на автопатиштата, пренесува германски „Билд“.
„Работата на тунелите на автопатиштата е загарантирана во понеделник. Синдикатот склучи договор за итни услуги со работодавачот „Autobahn GmbH“ во текот на викендот“, рече Пол Шмит, раководител на регионалниот оддел на синдикатот.
Аеродромот во Франкфурт е затворен.
Во текот на денот ширум Германија ќе се одржат повеќе од 50 протестни собири. Според синдикатот на железницата „ЕВГ“, повеќе од 30.000 вработени на околу 350 локации низ Германија штрајкувале во раните утрински часови.
„Германија стои во место бидејќи работодавците го отфрлаат договорот“, рече членот на колективниот одбор за договарање на „ЕВГ“, Кристијан Лорох.
Свет
Нуклеарната актовка е секогаш кај Путин: во Европа расте загриженоста од оружјето на рускиот претседател

Најавата на Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија предизвика загриженост низ цела Европа.
Оружјето што Путин го распоредува во Белорусија не е стратешко нуклеарно оружје, тоа не се интерконтинентални балистички ракети кои можат да го уништат животот на Земјата, пишува „Ал Џезира“.
Тактичкото нуклеарно оружје (TNW) се преносливи, нестратегиски нуклеарни боеви глави кои се користат за специфични тактички придобивки од првата линија. Аналитичарите го опишуваат тактичкото нуклеарно оружје како наменето за победа во битки, додека стратешкото оружје е наменето за победа во војни.
Тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, што би можело да ги направи воено покорисни и помалку политички неприфатливи, а со тоа и поголема е веројатноста да се користи. Иако тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, употребата на само една нуклеарна боева глава би имала катастрофални хуманитарни последици.
Атомската бомба што САД ја фрлија врз јапонскиот град Хирошима во 1945 година беше моќна околу 15 килотони и уби 140.000 луѓе. Тоа е со големина на едно од најмалите оружја во сегашниот руски арсенал.
Малкумина знаат точно колку TNW има Русија. Сепак, јасно е дека Русија има огромна нумеричка супериорност во однос на сојузниците на САД и НАТО кога станува збор за тактичкото нуклеарно оружје. Вашингтон верува дека Русија има околу 2.000 такви нуклеарни боеви глави, 10 пати повеќе од САД.
САД имаат околу 200 такви оружја, од кои половина се наоѓаат во базите во Европа. Овие нуклеарни бомби Б61, кои се движат од 0,3 до 170 килотони, се распоредени во шест воздушни бази низ Италија, Германија, Турција, Белгија и Холандија.
Според руската нуклеарна доктрина, рускиот претседател е крајниот одлучувач кога станува збор за употребата на руското нуклеарно оружје, без разлика дали е стратешко или тактичко. Таканаречената нуклеарна актовка е секогаш кај Владимир Путин.
Се верува дека такви актовки имаат и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов.
Актовката е поврзана со специјален комуникациски систем со кодно име „Кавказ“, кој поддржува комуникација меѓу високи владини претставници во моменти кога се носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје. Ако Русија верува дека се соочува со стратешки нуклеарен напад, Путин би можел да користи актовка за да испрати директна наредба за лансирање до командата на Генералштабот, која ги има нуклеарните шифри.
Путин се закануваше на можноста за нуклеарна војна во изминатата година, речиси секој пат кога неговата воена операција во Украина ќе попушти. Тоа би можело да објасни зошто токму сега реши да распореди оружје во Белорусија.