Свет
Кралот Чарлс: Комонвелтот треба да го признае своето болно минато
Британскиот крал Чарлс рече дека Комонвелтот треба да го признае своето болно минато бидејќи африканските и карипските нации продолжуваат да бараат репарации за улогата на неговата земја во прекуокеанската трговија со робови.
Претставници на 56 земји присуствуваат на состанокот на шефовите на влади на Комонвелтот, кој почна во понеделникот во Самоа, а на кој главни теми се ропството и заканите од климатските промени.
„Слушајќи ги луѓето во Комонвелтот, разбирам како сè уште одекнуваат најболните аспекти од нашето минато“, рече кралот во говорот на самитот.
„Затоа, од витално значење е да ја разбереме нашата историја, да нѐ води кон правилен избор во иднина“, додаде тој.
Барањата од Британија да плати репарации или на друг начин да надомести за трансатлантското долгогодишно ропство неодамна добија интензитет во целиот свет, особено меѓу Карипската заедница (CARICOM) и Африканската унија.
Противниците на репарациите велат дека земјите не треба да одговараат за историските неправди, а оние што ја поддржуваат велат дека наследството од ропството довело до денешната расна нееднаквост.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави во понеделникот дека Британија треба да ги слуша нациите што сакаат да разговараат за ова прашање на самитот, но одби да се извини за историската улога на земјата во трговијата со робови.
Министерот за надворешни работи на Бахамите, Фредерик Мичел, вчера за Би-би-си изјави дека нацрт-заклучоците на самитот, кои се очекува да бидат објавени в сабота, содржат параграфи, кои повикуваат на дискусија за репарациите.
Од 15 до 19 век најмалку 12,5 милиони Африканци биле киднапирани и насилно земени од европските бродови и од трговците и продадени во ропство.
Оние што ги преживеаја бруталните патувања завршија да работат на плантажи во нехумани услови, а други профитираа од нивниот труд.
За време на самитот земјите- членки треба да ја потпишат и декларацијата на Комонвелтот за океанот, која има цел да го зајакне финансирањето за да обезбеди здрав океан и да го реши прашањето за поморските граници.
„Она што декларацијата за океанот се обидува да го направи и да каже е дека вашите поморски граници ќе бидат поправени засекогаш“, рече главниот секретар на Комонвелтот, Патриша Скотланд, британска дипломатка и адвокатка родена во Доминика.
„Ова е неверојатно важно затоа што ќе им даде вистинска надеж на многумина кои се исплашени и чувствуваат дека никој не ги гледа, никој не слуша, никој не се грижи – и тоа не е вистина“.
Повеќе од половина од членките на Комонвелтот се мали нации, многу од нив се острови загрозени од зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

