Свет
Лавров: Подготвени сме да ги прекинеме односите со ЕУ
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена на прекин на односите со Европската Унија.
До прекин на односите со ЕУ би можело да дојде доколку Брисел воведе санкции ризични за чувствителните сфери на економијата, наведе Лавров.
Russia says it is ready to cut EU ties if hit with painful sanctions https://t.co/B3qhxs2Uhq pic.twitter.com/C5fmulUIZb
— Reuters (@Reuters) February 12, 2021
„Нашата почетна точка е дека сме подготвени за тој чекор во случај да забележиме, како што можевме да видиме во неколку наврати претходно, дека се подготвуваат санкции што ќе создадат ризик за нашата економија“, посочи тој.
Лавров изјави дека Русија не сака да се изолира од светот, но дека е потребно да биде подготвена за најлошото можно сценарио. Како што рече: „Ако сакате мир, подгответе се за војна“.
Претходно, високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Џозеп Борел, по посетата на Москва, изјави дека Европската Унија и Русија се наоѓаат во историска пресвртница по прашањето за меѓусебните односи.
Борел тогаш откри дека во одредени моменти имал многу напнати разговори со рускиот шеф на дипломатијата и оцени дека состанокот и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.
„Изборот што ќе го направиме ќе ја одреди меѓународната динамика на моќта во овој век: дали ЕУ ќе се движи кон покооперативен или поларизиран модел во односите со Русија, дали ќе се заснова на отворени или затворени општества“, рече Борел за време на неговиот извештај до Европскиот парламент, во врска со неговата посета на Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

