Свет
Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии
За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзината територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде четири украински региони на Русија, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за влез во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.
Украина бара руската армија целосно да се повлече од својата територија. Русија окупира речиси 20 проценти од Украина.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Неговиот украински колега Андриј Сибига бргу реагира на овие изјави:
„Нова серија, стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова докажува оти „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.
„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

