Свет
Латвија им нареди на 841 Русин да ја напуштат земјата поради кршење на законите за јазик и престој
Латвија им нареди на 841 Русин да ја напуштат земјата поради кршење на законите за јазик и престој. Во петокот беше објавено и дека Естонија, Латвија и Литванија подготвуваат планови за масовни евакуации во случај на руски напад, бидејќи загриженоста за националната безбедност расте.
Да се напушти земјата до 13 октомври
Латвија им нареди на 841 руски државјани да ја напуштат земјата до 13 октомври, велејќи дека не ги исполниле новите услови за престој, кои вклучуваат докажување на основни познавање на летонскиот јазик и положување безбедносни проверки, објави Политико.
Одлуката следува по низа законски измени што ги заострија правилата за руските граѓани кои сакаат да останат во балтичката држава.
Законски промени по руската инвазија на Украина
Латвија воведе измени во својот закон за имиграција во 2022 година, по руската инвазија на Украина, и дополнително ги заострија во 2024 година. Според новите правила, руските граѓани мора да добијат статус на долгорочен жител на ЕУ, да покажат познавање на летонскиот јазик на ниво А2 и да поминат безбедносни проверки и проверки на биографијата до 30 јуни 2025 година, за да можат легално да останат во земјата.
Околу 30.000 Руси се погодени од новите мерки
Службениците проценуваат дека околу 30.000 руски граѓани се погодени од новата политика, додека околу 2.600 доброволно ја напуштиле Латвија, според извештајот на Политико. Останатите мора или да ги исполнат условите или да заминат.
Канцеларијата за државјанство и миграција (OCMA) потврди дека 841 лице го пропуштило рокот за поднесување на потребните документи и официјално е известено дека мора да ја напушти земјата до 13 октомври.
„Само кога ќе им престанат пензиите, сфаќаат дека нешто не е во ред“
Зборувајќи во емисијата „Де факто“ на Латвиската телевизија, директорката на OCMA, Мајра Розе, рече дека многу Руси дури и не биле свесни дека законот се променил сè додека не го изгубиле правото на државни бенефиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.

