Свет
Лекарите во Индија вџашени: откриен прв случај на жолта габична инфекција кај ковид-пациент
Жолта габична инфекција е откриена кај еден пациент заразен од коронавирус во Индија, а лекарите веруваат дека ова е прв случај регистриран во човечкото тело бидејќи досега вакви габи имало само кај влечугите.
По црните и белите габи, во Индија се појавиле и жолтите габи, што предизвикало сериозни последици кај пациентите со коронавирус и кај оние што оздравеле од оваа заразна болест, објавија индиските весници.
Жолта габа кај пациент со Ковид-19 е откриена во болница во областа Газијабад, во државата Утар Прадеш, во близина на Делхи.
Еден лекар изјави дека маж на 45 години бил заразен со црно-бела и со жолта габична инфекција.
„Досега жолти габи имаме откриено кај влечугите. Ова е првпат да бидат пронајдени кај луѓе“, изјави лекарот.
Црно-бели габични инфекции, познати како мукромикоза, се предизвикани од мукромицети што живеат во расипани овошје и зеленчук, леб, почва и растенија.
Не е јасно како жолтите габи припаѓаат на мукромикозата бидејќи тие се однесуваат малку поинаку.
Симптомите почнуваат однатре и се обично скриени, а тоа може да доведе до доцна дијагноза, додаде лекарот.
Тој објасни дека болеста почнува со летаргија и намален апетит и ги погодува пациентите со коронавирус и резултира со губење на тежината.
Во подоцнежните фази на инфекцијата жолтите габи може да предизвикаат потечени очи поради неисхранетост и откажување на органите.
Пациентот во Индија имал и крвавење од носот и неконтролирано мокрење, изјавил син му, а очите му беа отечени и затворени.
Жолтите габи може да се излечат, но третманот трае подолго од другите габични инфекции
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Додека Орбан е на власт, Украина нема да влезе во ЕУ, вели Сијарто
Украина нема да стане членка на Европската Унија сè додека владата на премиерот Виктор Орбан е на власт во Унгарија, изјави шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.
Според него, во Брисел се свесни дека евентуалното „соборување на унгарската влада“ би влијаело на ставовите на другите земји-членки.
Сијарто изјави дека, откако Унгарија стави вето на 20-тиот пакет санкции против Русија, „веднаш три европски земји сфатија дека ниту тие не се согласуваат со него“. Сепак, како што тврди тој, кога Будимпешта не го користи правото на вето, се создава привид на единство меѓу државите на ЕУ.
„Ако останеме на власт, нема да се согласиме на целосно бесмислени механизми за финансиска поддршка, ниту ќе дозволиме нашите пари да бидат однесени во Украина. Веруваме дека парите на Унгарците треба да останат во Унгарија. И тие исто така знаат дека, ако останеме, Украина нема да биде членка на ЕУ“, рече Сјарто, објави Спутник.
На крајот на февруари, Унгарија стави вето на 20-от пакет санкции на ЕУ против Русија и доделувањето на воен заем за Украина во износ од 90 милијарди евра. Како причина беше наведено прекинувањето на транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ низ територијата на Украина. Сијарто потоа изјави дека украинската страна одбива да го врати транзитот од политички причини.
Словачка, исто така, оцени дека новите санкции на ЕУ би можеле да му наштетат на мировниот процес.
Свет
Трамп го критикуваше Стармер: Односите со Британија не се како порано
Доналд Трамп го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер за неговата улога во американските напади врз Иран, велејќи дека тој не бил од помош и дека односот меѓу двете земји очигледно не е каков што бил порано. Во разговор за британскиот весник „Сан“, Трамп изрази разочарување од ставот на Велика Британија, објавува „Сан“.
Трамп во телефонско интервју рече дека никогаш не помислил дека ќе го види ова, особено не од Велика Британија. Споредувајќи ги сојузниците, тој додаде дека Франција е одлична, како и другите, додека Велика Британија е многу поинаква.
Критиките на Трамп дојдоа откако владата на Стармер првично им го одби на Соединетите Држави користењето на британските бази за напад врз Иран, а потоа ги отвори за она што го нарече одбранбени напади. Стармер нагласи во Долниот дом во понеделник дека владата не верува во промена на режимот од воздух, осврнувајќи се на нападите.
Свет
Погодена американската амбасада во Ријад, нов израелски напад врз Либан
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Ријад беше погодена од два дрона, а во дипломатскиот комплекс избувна пожар, но засега нема пријавени жртви, објави саудиското Министерство за одбрана.
Се наведува дека е предизвикана мала материјална штета.
Според Ројтерс, над Дипломатскиот кварт се гледал црн чад, додека сведоците пријавиле силна експлозија и пламен.
Саудиските власти и извори изјавија дека пожарот бил помал.
Зградата на амбасадата била празна во времето на нападот и немало пријави за жртви, објавија светските медиуми.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави за „NewsNation“ дека одговорот на Вашингтон на нападот врз амбасадата „наскоро ќе биде познат“.
Амбасадата на САД претходно издаде предупредување до американските граѓани во Ријад, Џеда и Дахран да останат во засолништа и да ја избегнуваат амбасадата до понатамошно известување.
Иранската револуционерна гарда објави дека извршила напад со дронови и ракети врз американската воздухопловна база во регионот Шеик Иса во Бахреин.
Според извештаите објавени во иранската државна агенција ИРНА, биле лансирани 20 беспилотни летала и три ракети, тврдејќи дека главниот команден штаб на базата е уништен, без да се дадат докази.
Иран изјави дека нападите биле дел од одмазда за американските и израелските напади на негова територија.
Американскиот Стејт департмент, исто така, нареди евакуација на неитен персонал и семејства во Бахреин и Јордан.
Во соопштението на Стејт департментот објавено на интернет, се наведува дека одлуката е донесена „поради безбедносни ризици“.
Израел започна нови напади врз Бејрут
Либанските медиуми објавија дека најмалку два израелски воздушни напади биле извршени во јужниот бејрутски округ Дахије, кој се смета за упориште на Хезболах.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) не ги коментираа обвинувањата, објави „Тајмс оф Израел“.
Според извештаите на арапските медиуми, цел на нападот била радио станицата Ал-Нур, во сопственост на Хезболах.
Исто така, се наведува дека во текот на ноќта бил цел на телевизискиот канал Ал-Манар, исто така поврзан со Хезболах.
Во исто време, Израелските одбранбени сили издадоа нови наредби за евакуација на десетици локации во Либан.
Во објавата на портпаролот Авикај Адреи на Телеграм, беа споменати околу 50 места, со повик до жителите веднаш да ги напуштат своите домови за безбедност.
Специјално предупредување беше испратено до жителите на јужните бејрутски населби Гобеири и Харет Хреик, со порака дека се наоѓаат во близина на објектите и интересите на Хезболах, против кои наскоро ќе дејствува ИДФ, пренесува Танјуг.

