Свет
Либан: Ракета го погоди штабот на УНФИЛ, повредени се осум австриски војници
Осум австриски војници кои припаѓаат на мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) претрпеа полесни, површни повреди во ракетен напад врз седиштето на УНФИЛ во Накова, во близина на границата со Израел, соопшти денеска австриското Министерство за одбрана (АМО).
УНИФИЛ е стациониран во јужен Либан за да ги следи судирите долж линијата за разграничување со Израел, област која овој месец беше сцена на жестоки судири меѓу израелските војници и борците на Хезболах, јавува Ројтерс.
„Силно го осудуваме овој напад и ќе бараме итна истрага“, се вели во соопштението на австриското Министерство за одбрана, додавајќи дека не е јасно од каде потекнува проектилот и дека на ниту еден од војниците не му била потребна итна медицинска помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Новата сириска влада: Жените можат да се облекуваат како сакаат, личната слобода на сите им е загарантирана
Сириските бунтовници кои, предводени од Абу Мохамед ал-Џолани, ја соборија владата на претседателот Башар ал Асад и го принудија да ја напушти земјата, најавија дека нема да диктираат што носат жените и ветија дека ќе гарантираат лична слобода за сите. Во соопштението објавено на социјалните мрежи, главната команда наведе дека е строго забрането мешање во начинот на облекување на жените.
„Строго е забрането сугерирање во облекувањето на жените или да се наметнуваат какви било барања поврзани со нивната облека или изглед“, велат тие.
Во соопштението се нагласува и дека личната слобода е загарантирана за сите Сиријци и дека почитувањето на човековите права е основа за градење цивилизирана нација. Дополнително, главната команда најави воведување на нулта толеранција за насилство врз новинари и други лица кои работат во медиумите. За закани им е предвидена затворска казна од една година, велат оттаму.
Абу Мохамед ал Џолани, водачот на сириските бунтовнички сили кои го соборија Асад, ги прекина своите врски со Ал Каеда. Сега тој се прикажува себеси како застапник на различноста и толеранцијата.
Европа
(Видео) Русија: Го транспортиравме Асад на најбезбеден начин
Русија го транспортираше Башар ал Асад, кој беше соборен со молскавична офанзива од позицијата на претседател на Сирија, на „најбезбеден начин“, изјави заменик-министерот за надворешни работи на земјата Сергеј Рјабков за Ен-би-си Њуз во синоќешното интервју.
Кремљ во понеделникот објави дека претседателот Владимир Путин одлучил да му даде азил на Асад во Русија. Неговиот пад е голем удар за Иран и Русија, кои интервенираа во 13-годишната граѓанска војна во Сирија за да се обидат да ја консолидираат неговата власт и покрај барањата на Западот тој да се повлече. „Тој е обезбеден и тоа покажува дека Русија се однесува како што треба во вонредна ситуација“, изјави Рјабков за Ен-би-си. Тој додаде дека нема да елаборира „што се случило и како е решено“.
На прашањето дали Русија ќе го предаде Асад на судење, Рјабков рече дека Русија не е странка на конвенцијата со која е основан Меѓународниот кривичен суд.
Москва ја поддржува Сирија уште од раните денови на Студената војна, признавајќи ја нејзината независност во 1944 година кога Дамаск се обиде да ја собори француската колонијална власт. Западот ја гледаше Сирија како советски сателит. Во вторникот Мохамад ал Башир објави дека ја презема функцијата привремен премиер со поддршка на поранешните бунтовници кои го соборија Асад.
Рјабков рече дека Русија „дефинитивно ќе биде подготвена да размисли“ за уште една размена на затвореници, слична на размената во август со новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович.
„Нов договор би бил здрав чекор напред, особено на почетокот на следната администрација“, изјави Рјабков за Ен-би-си, додавајќи дека не сака ништо да прејудицира.
Свет
Палестински лекари: Израел изврши два воздушни напади во Газа, најмалку седум мртви
Најмалку седум Палестинци загинаа, а неколку се ранети во израелски воздушен напад врз куќа во кампот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, изјавија денеска палестинските лекари за Ројтерс.
Во градот Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа, каде што израелските сили оперираат од октомври, лекарите рекоа дека во израелски воздушен напад загинале и ранети се неколку луѓе. Спасувачите соопштија дека неколку луѓе останале заробени под урнатините на куќата. Израелската војска не ги коментира двата напада пријавени од палестински лекари.
Од 5 октомври, израелските сили оперираат во Беит Ханун, блискиот град Беит Лахија и бегалскиот камп Џабалија, каде се борат против милитантите на Хамас кои вршат напади од тие области, спречувајќи ги да се прегрупираат.
Повеќе од 44.700 Палестинци се убиени во 14-месечните израелски воени напади врз Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.