Свет
Лукашенко: Белорусите се подготвени да одговорат на секаква провокација на границата
Белорусите сакаат да имаат држава што ќе излегува само со мирни иницијативи, но тие се подготвени да одговорат на какви било провокации, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко, пренесува ТАСС.
„Историјата нè научи да бидеме секогаш подготвени да одговориме на каква било провокација. И би сакал да повторам: нашата одговорност тука не е само за Белорусите, туку и за Русите“, рече Лукашенко на состанокот со шефот на Комитетот за контрола на државната граница, Анатолиј Лапо.
Според Лукашенко, нивото на безбедност во белоруската област на одговорност ја надминува секоја граница во светот.
„Ние разбираме дека границата е огледало, лице на која било држава. Тврдам дека ниту една друга држава нема безбедност на границата како Белорусија. Ние мора да ја одржиме безбедноста на државната граница на ова ниво“, рече Лукашенко.
Претседателот посочи дека минатата година државата била принудена да посвети особено внимание на безбедноста, што некои го сфатиле како ѕвечкање со сабји.
„Нема ништо такво. Никогаш не сме ѕвечкале со сабјите и немаме намера да го правиме тоа во иднина. Сакаме, како и порано, Белорусија да остане остров на безбедноста во Европа и да бидеме земја што ќе излегува само со мирни иницијативи. Ова е нашата перспектива“, нагласи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Инцидент во Келн: 19 ученици повредени во напад со бибер-спреј
Најмалку 19 ученици се повредени денеска во инцидент во образовниот центар „Европа“ во германскиот град Келн, од кои деветмина се хоспитализирани.
Според првичните информации, двајца непознати напаѓачи физички нападнале 16-годишен ученик во училишниот ходник, користејќи бибер-спреј, пренесува германскиот портал „ВДР“.
Потоа, нападнатиот ученик, како што се наведува, во самоодбрана исто така употребил бибер-спреј и ги испрскал напаѓачите, кои побегнале кон излезот од зградата.
Бибер-спрејот се проширил низ училишната зграда и предизвикал повреди кај други ученици. Полицијата соопшти дека најмалку 19 ученици задобиле полесни повреди поради изложеност на спрејот.
Деветмина од нив превентивно биле пренесени во болница поради силна иритација на очите.
Полицијата го запленила бибер-спрејот што го користел 16-годишникот и отвори истрага за предизвикување опасни телесни повреди.
Свет
Опасна фаза на ескалација: Членки на ЕУ тврдат дека Кремљ стои зад серијата саботажи низ Европа
Шефовите на дипломатија на ЕУ в четврток ќе бидат информирани за серијата обиди за саботажа и нарушување на воздушниот простор, за кои соседите на Русија тврдат дека претставуваат многу опасна фаза на ескалација што може да ги загрози цивилите.
Литванскиот министер Кестутис Будрис предупреди дека станува збор за „жешка фаза на ескалација“. Неговите коментари доаѓаат откако Полска утврди дека експлозијата што оштети железнички линии на истокот на земјата била саботажа поддржана од Кремљ. Варшава соопшти дека бил користен воен експлозив C-4, а осомничените двајца украински државјани поврзани со Русија побегнале во Белорусија.
Будрис рече дека ова не е изолиран случај – во Европа се пријавуваат сомнителни дронови, а десетици инциденти се истражуваат како можни обиди за дестабилизација. Тинк-тенкот Globsec пресметал дека од јануари до јули се случиле повеќе од 110 саботажи во Европа, главно во Полска и Франција.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас порача дека „Русија нè тестира и се обидува да посее страв“. Италија, Литванија и други земји побараа посилна реакција од ЕУ. Министрите в четврток ќе разговараат за нов пакет санкции против Русија и за мерки за одвраќање на Белорусија од хибридни напади.
Свет
Tурција подготвена да разговара со Русија за предлози кои би можеле да го забрзаат прекинот на огнот
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денес дека преговорите во Истанбул претставуваат важна пресвртница во постигнувањето мир во руско-украинскиот конфликт и порача дека процесот мора повторно да се активира.
„Веруваме дека би било корисно повторно да се активира истанбулскиот процес со посеопфатна содржина што ќе се занимава со акутните проблеми. Очекуваме сите наши партнери кои сакаат да го запрат крвопролевањето во регионот да покажат конструктивен пристап кон истанбулскиот процес. Веруваме дека истанбулските преговори претставуваат важна пресвртница во напорите за дипломатско решение во време кога разорните последици од војната сè повеќе се продлабочуваат“, изјави Ердоган на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Анкара, пренесе ТРТ Хабер.
Според него, продолжувањето на преговорите во Истанбул со посеопфатен и попрагматичен пристап би можело да придонесе за пронаоѓање патишта кон мир во Украина.
Ердоган потсети на хуманитарните резултати од трите рунди преговори што беа одржани во Истанбул и нагласи дека Турција е подготвена да разговара со Русија за предлози кои би можеле да го забрзаат прекинот на огнот и да го отворат патот за праведен и траен мир.

