Свет
Илјадници Ирачани протестираа против владината политика за вработување
Илјадници Ирачани се собраа вчера пред канцеларијата на премиерот во центарот на Багдад во знак на протест против политиката на владата за вработување за 2021 година, пренесува „Анадолија“.
Агенцијата соопшти дека демонстрантите ја отфрлиле одлуката на владата да го запре вработувањето во јавниот сектор за 2021 година и побара таа да ја измени својата политика.
Демонстрантот Џабер ал-Јасири во изјава за „Анадолија“ рече дека илјадници дипломирани студенти биле шокирани од одлуката на владата да не обезбеди можности за вработување во буџетот за 2021 година. Ал-Јасири се надева дека владата ќе почне нови планови за вработување за да ги вклучи невработените млади во земјата и да не го запре целосно вработувањето.
Демонстрантот Ајет Џамил изјави дека обезбедувањето работни места за дипломирани студенти е должност на државата и дека ним не им е грижа за лошото планирање и лошото управување што ја довеле земјата до оваа фаза.
Од ирачката влада нема коментар за барањата на демонстрантите. Сепак, владата во претходните изјави рече дека финансиската криза и намалувањето на финансиските приходи поради пандемијата на коронавирусот ја натерале да преземе мерки за намалување на трошоците.
Ирачкиот парламент разговараше за буџетот на земјата речиси еден месец. Според поранешниот ирачки министер за планирање, Нури ал-Дулаими, стапката на невработеност во Ирак се проценува на 13,8 отсто, но кај младите се искачи на 27 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко: Следува нуклеарна апокалипса, третата светска војна мора да се спречи
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека не треба да се дозволи да избие трета светска војна, бидејќи во спротивно нуклеарна апокалипса е неизбежна.
„Треба да направиме се за да ја спречиме третата светска војна. Во спротивно, нуклеарна апокалипса е неизбежна. Затоа сите треба да се обединиме“, рече Лукашенко на церемонијата на положување цвеќе на Споменикот на победата како дел од патриотската кампања „Белорусија се сеќава“ во Минск.
Тој посочи дека човештвото веќе еднаш во својата историја успеа да се обедини против општото зло, што доведе до победа.
Во исто време, Лукашенко додаде дека колективниот Запад, исто како и пред почетокот на Втората светска војна, е подготвен да се реши од секое зло заради зачувување на доминацијата и личниот профит.
По повод заедничките воени вежби меѓу Москва и Минск за употреба на тактичко нуклеарно оружје, Лукашенко изјави дека Русија и Белорусија немаат намера никого да нападнат.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Белорусија ќе и се придружи на Русија во втората фаза од вежбите за тестирање на употреба на нестратешко нуклеарно оружје.
Регион
Земјотрес во Србија
Жителите на Нови Пазар утрово ги разбуди слаб земјотрес, известуваат медиумите во Србија.
Јачината на земјотресот е 2,5 степена според Рихтеровата скала, а е регистриран во 7.37 часот.
Се проценува дека интензитетот на ударот во епицентарот е III-IV од Меркалиевата скала.
Свет
Генералното собрание на ОН би требало да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство
Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да ја поддржи палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана за членство и ќе го испрати барањето назад до Советот за безбедност на ОН „да го преиспита прашањето во корист на Палестинците“.
Палестинците ја оживуваат својата кандидатура за полноправно членство во ОН, кое декларативно би ја признало палестинската држава, откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН минатиот месец.
Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се смета за испитување на светското мислење за палестинското прашање. Барањето за полноправно членство во ОН прво мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Но, иако самото Генерално собрание не може да даде полноправно членство во ОН, нацрт-резолуцијата за која се гласа денеска ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но тие нема да имаат право на глас во телото.
Дипломатите велат дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие поддршката потребна за усвојување.