Свет
Лукашенко: Го прележав омикрон, ништо страшно

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, објави дека повторно бил заразен, но овој пат со сојот омикрон.
„ Забележуваме дека омикрон е друг тип на вирус. Ми се чини дека се проширил на обичниот грип. Зборувам како човек кој е заразен по втор пат, овој пат со вирусот омикрон“, рече Лукашенко.
Според зборовите на белорускиот претседател, овој вид не предизвикува пневмонија и нагласил дека се заразил, а речиси и не забележал дека е заразен. Дури на крајот, кога го направил тестот, открил дека е заразен.
Лукашенко смета дека Русија ја направила вистинската тактика во борбата против пандемијата.
„ Русија му пристапи на вирусот на вистински начин и обично се спроведуваат амбулантски третмани. Овој вирус не е толку опасен. Се разбира, постарите луѓе се поподложни на вируси, како и луѓето кои страдаат од кардиоваскуларни болести, дијабетес, болни од рак и астматичари“, истакна Лукашенко.
Тој додаде дека, се разбира, потребно е луѓето да се заштитат, но не треба многу да се грижат, туку едноставно да живеат.
Претходно, Лукашенко објави дека на крајот на јули 2020 година го победил коронавирусот без никакви симптоми. Во есента 2021 година, тој рече дека е подготвен да се вакцинира, но ќе ја чека белоруската вакцина, која треба да биде пуштена во промет во 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Секое десетто дете во светот работи, ќе ги има и повеќе поради сиромаштијата, заклучува Уницеф

Повеќе од 160 милиони деца се вработени во светот, или секое десетто дете на возраст од пет до 17 години, а се проценува дека поради растечката сиромаштија и социјалната ранливост, тој број би можел да се зголеми за уште 8,9 милиони до крајот на 2022 година, покажала најновата студија на Меѓународната организација на трудот и УНИЦЕФ.
Социјалната заштита ја намалува сиромаштијата и ранливоста на семејството, клучни причини за детскиот труд, наведуваат во документот МОТ и УНИЦЕФ, додавајќи дека е постигнат премал напредок во обезбедувањето услови за сите деца да уживаат социјална заштита, објави порталот „Независност“.
Во светот, 73,6 отсто, или приближно 1,5 милијарди деца на возраст под 14 години, не добиваат семеен или детски паричен надоместок, а овој голем јаз во социјалната заштита мора брзо да се елиминира, заклучуваат МОТ и УНИЦЕФ.
Владите можат да спроведуваат политики за подобрување на социјалната заштита, но доколку креаторите на политиките не постапат решително, пандемијата со Ковид-19, актуелните воени конфликти, растечката сиромаштија и климатските промени само ќе ја зголемат распространетоста на детскиот труд, се вели во студијата.
Со цел да се зајакне системот за социјална заштита за спречување и елиминирање на детскиот труд, МОТ и УНИЦЕФ дефинираа голем број препораки, вклучително и затворање на јазот во покриеноста со социјална заштита на децата, градење интегрирани системи за социјална заштита и обезбедување на програма која ќе гарантира дека социјалната заштита е инклузивна.
Регион
Вучиќ: „Не сакаме непријателство со големите сили“

Александар Вучиќ и премиерот на Унгарија Виктор Орбан присуствуваа на свеченото отворање на 89. Меѓународен саем за земјоделство.
Вучиќ по отворањето им се обрати на медиумите каде ги коментираше сите актуелни случувања.
Претседателот, како што објавија медиумите во соседството ги коментирал и зборовите на поранешниот американски амбасадор Курт Волкер, кој и порачал на Србија дека сега мора да сфати дека е опасно да се биде руски пријател.
Знаете дека има уште една изрека, која вели поинаку. Но, не верувам во приказни за големи пријателства, туку во интерес. Како што еднаш рекол Хенри Кисинџер: „Постои една работа поопасна од тоа да се биде непријател на Америка. А тоа е да се биде пријател на Америка“. Не би се согласил со тоа, го ценам нашето пријателство. Мали сме и не сакаме непријателство со големите сили. Ќе ги заштитиме нашите реки и земја и нека прават што сакаат со нивните интереси“, рече тој.
Вучиќ рече дека наша работа е да се бориме за нашата земја и да се придржуваме до одлуката на Советот за национална безбедност, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ изјавил и дека во наредниот месец во Белград се очекуваат многу интересни работи и дека многумина ќе бидат изненадени.
Тој ги коментирал заканите од Загреб дека ќе го блокира патот на Србија кон ЕУ поради обвиненијата за воени злосторства.
Вучиќ потсетил на зборовите на владиката Сергије дека сите напади врз него се сигнал дека прави добро за својот народ.
„Им пречеа и ќебапите со Шарл Мишел. Па, добро зарем требаше да ме удри со стап. Но, добро, тоа тие ќе го направат“, кажал Вучиќ.
Свет
Русија му забрани влез на Бајден: „Властите на САД поттикнуваат русофобија“

Русија забрани влез во земјата на 963 Американци, меѓу кои и претседателот, Џо Бајден.
Забраната се однесува и на државниот секретар Ентони Блинкен и на шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението на руското МНР се нагласува дека овој чекор е одговор на санкциите што САД постојано ги воведуваат кон Русија и предупреди дека непријателските дејствија ќе продолжат да добиваат соодветен одговор, пренесува РИА Новости.
„Русија не бара конфронтација и е отворена за искрен дијалог со взаемно почитување, одвојувајќи го американскиот народ, кој го почитува, од властите на САД, кои ја поттикнуваат русофобијата и оние кои им служат“, соопшти Министерството.
Забраната доаѓа откако Бајден денеска го потпиша пакетот помош за Украина од речиси 40 милијарди долари.