Европа
Макрон: Не би ја користел реториката на Бајден дека Путин врши геноцид

Францускиот претседател Емануел Макрон одби да ги опише руските злосторства во Украина како геноцид.
Запрашан од новинар на француската јавна телевизија дали би го употребил тој збор за да ги опише руските активности во Украина, како што тоа го направи американскиот претседател Џо Бајден во два наврата, Макрон рече: „Би бил претпазлив со таквите термини бидејќи тие се два братски народа (Русите и Украинците)“.
„Сакам да продолжиме да се обидуваме, колку што е можно, да ја запреме оваа војна и да го обновиме мирот. Не сум сигурен дека таква ескалација на реториката служи за таа цел“, рече Макрон.
„Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека оваа ситуација е неприфатлива и дека е воено злосторство. Сведоци сме на невидени воени злосторства на нашата земја, на нашата европска земја“, рече Макрон.
Францускиот претседател, кој набргу го очекува вториот круг од претседателските избори, истакна дека Франција соработува со Украина во истрагата за воените злосторства.
„Русија еднострано почна исклучително брутална војна и сега е утврдено дека руската армија извршила воени злосторства. Мораме да ги најдеме одговорните“, истакна Макрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.
Европа
Шолц: Русија нема да победи во војната во Украина, ниту ќе ги диктира условите за мир

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Русија нема да победи во војната во Украина и посочи дека Москва не смее да ги диктира условите за каков било мир.
„Путин сериозно ќе преговара за мир само ако сфати дека не може да ја пробие одбраната на Украина“, рече Шолц во говорот на Светскиот економски форум во Давос, пренесува „Ројтерс“.