Свет
Маск: Британија оди во целосен сталинизам
Илон Маск ја продолжи својата расправија со британската влада обвинувајќи ја дека навлегла во тотален сталинизам со зголемување на данокот на наследство на фарми вредни повеќе од 1 милион фунти. Ова е најновиот напад на сојузниците на Доналд Трамп врз британската лабуристичка влада и доаѓа додека Лондон се обидува да ги поправи односите со тимот на Трамп пред неговата инаугурација.
Коментарите на Маск се фокусираа на контроверзниот даночен план што лабуристите го претставија минатиот месец. Владата го укинува ослободувањето од данок на наследство за некои фарми, потег што Националниот сојуз на фармерите го нарече катастрофален. Во Лондон денеска се очекуваат големи протести на земјоделците, пишува „Политико“
Промените, кои стапуваат во сила во април 2026 година, ќе доведат до удар на оние што наследуваат фарми вредни повеќе од 1 милион фунти, со стапка на данок на наследство од 20 отсто. Британското Министерство за финансии вели дека, веројатно, ќе бидат погодени помалку од 500 фарми годишно и посочува дека данокот е половина од другите даноци на наследство.
„Британија оди во целосен сталинизам“, напиша Маск на „Икс“ и сподели напис на „Гардијан“ за планот на британската влада.
Сталин е советски диктатор, кој водеше брутална програма за колективизација на фармите, проследена со широко распространет глад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.

