Свет
Медведев: По нападот на регионот Курск, нема преговори со Украина
По нападот на Киев врз областа Курск, Русија нема да води никакви преговори со Украина додека непријателот не биде целосно поразен, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност (СБ) на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.
Тој ги советувал политичарите на западните земји, кои, според него, „ги поддржуваат провокациите на режимот на Киев во Курската област“, да не се радуваат на операцијата на украинската армија во тој руски регион, пренесува „Тас“.
Во објава на „Телеграм“ тој рече дека ситуацијата за Украина само ќе се влоши како резултат на тој чин.
Украинската армија на 6 август ја нападна областа Курск заземајќи, според Киев, 82 населени места и 1.150 квадратни километри, со што првпат војната се пресели на руска територија, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Доволно е БиХ да ни каже и веднаш испраќаме хеликоптери, чамци…
Србија е подготвена на секој начин да му помогне на населението загрозено од поплавите во Босна и Херцеговина, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ и упати сочувство до семејствата на загинатите.
Најмалку 18 лица загинаа, а се стравува дека бројот на жртви ќе се зголеми откако обилните врнежи во областа Јабланица и Коњица во текот на изминатата ноќ предизвикаа поројни поплави, одрони и свлечишта, со голем број жртви и исчезнати лица.
По отворањето на обиколницата на патот околу Горњи Милановац, Вучиќ на новинарите им изјави дека Србија е подготвена да помогне со хеликоптери, чамци, како и со сите други форми на поддршка и финансиска помош.
„Доволно е да ни кажат и веднаш ќе го направиме тоа. Испратија спасувачи и чамци во Обреновац (за време на поплавите во 2014 година) и ние сме им благодарни за тоа“, рече Вучиќ изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.
Регион
(Видео) Нереални снимки од Босна и Херцеговина, местото се претвори во река, отсечено е од светот
По обилните дождови во Босна и Херцеговина, многу градови беа погодени од поплави, одрони и свлечишта, меѓу кои и Бутуровиќ Поле.
Досега во поплавите во Босна и Херцеговина загинаа 18 лица.
Според достапните информации, ова место е практично отсечено од останатиот дел од земјата и светот.
Снимките со дрон, снимени од Ален Беглук, го откриваат целиот размер на катастрофата што го погоди Бутуровиќ Поле.
Регион
(Видео) Спасувачка операција во БиХ по поплавите: трудница во тешка состојба, 10-годишно момче со тешки скршеници со хеликоптер е префрлено во Мостар
Доктор Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ во Мостар, потврди дека во првиот бран на евакуација од Јабланица помош им била укажана на четири лица, од кои две биле пренесени со хеликоптер.
-Се работи за трудница во осмиот месец од бременоста, која беше евакуирана од екипите на Планинарската спасувачка служба, а која за жал го загуби бебето. За жал моментално е во животна опасност. Не можам да дадам прогнози, бидејќи се работи со повеќекратни повреди опасни по живот – изјави Дурановиќ за Avaz.ba.
Со неа, додаде таа е донесен и нејзиниот сопруг, а неговиот живот не е во опасност.
-Потоа со хеликоптер е пренесено 10-годишно момче, кое има скршеници и во моментов не е ни во животна опасност, како и маж, кој засега е стабилен – изјавила таа.
Таа нагласи дека целосно се ослободени сите капацитети на оваа болница за потребите на прием и згрижување на повредените жители на Јабланица.
– Вработените нема да ги напуштат работните места до дополнително известување, а сите што беа ослободени ги повлековме од дежурство – рече таа.
Засега немаат информации од терен колку евентуално повредени може да очекуваат во наредните часови.
– Целосно сме подготвени и во контакт сме и со нашите колеги во СКБ Мостар – изјави Дурановиќ.
Инаку транспортот и евакуацијата на повредените од Јабланица се одвива во исклучително тешки услови.
Според досегашните информации, припадници на ГСС на носилки ги носат повредените до изворот Комадино, а потоа со помош на чамци се транспортираат до мостот Бегиќ и Беговиќ.
Инаку според медиумите во регионот најмалку 14 лица загинале во поплавите и свлечиштата што ја погодија населбата Јабланица на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.