Свет
Мелони: Италија еден чекор поблиску до признавање на Палестина
Италија сега е поблиску до признавање на државата Палестина по постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, изјави италијанската премиерка Џорџија Мелони, пренесе Анадолија.
„Очигледно, ако планот се спроведе, признавањето на Палестина од страна на Италија сигурно ќе биде поблиску“, изјави Мелони за новинарите на маргините на Мировниот самит во Шарм ел Шеик во Египет, објави АНСА.
Таа нагласи дека Италија сака да го поддржи воспоставувањето палестинска држава, а воедно да продолжи со хуманитарната помош за народот во Газа.
Мелони додаде дека Италија е подготвена да помогне во стабилизирањето на ситуацијата во Газа, вклучително и можноста за испраќање карабинери, доколку тоа го побара резолуција на Обединетите нации.
„Италија е подготвена да го даде својот придонес. Ова е одлична можност, историски ден. Горда сум што Италија е тука“, рече премиерката.
Таа го опиша договорот за прекин на огнот како „голем успех“ за американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи: „Му посакуваме уште поголем успех, почнувајќи од Украина“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Чешкиот парламент го симна украинското, но го остави израелското знаме
Новата чешка влада го симна украинското знаме од зградата на парламентот, додека израелското остана поставено.
Наредбата ја издал новоизбраниот претседател на Долниот дом, Томио Окамура, лидер на крајнодесничарската Партија на слободата и директната демократија (СПД), веднаш по преземањето на функцијата.
Украинското знаме, кое се вееше покрај чешкото и знамето на Европската унија од февруари 2022 година, беше поставено како симбол на солидарност со Украина по почетокот на руската инвазија.
Поранешната претседателка на парламентот, Маркета Пекарова Адамова, го нарече потегот „срамен чекор против заедничките вредности“ на Чешка и Украина.
Опозициските партии, исто така, ја осудија одлуката, велејќи дека таа ја ослабува солидарноста на земјата со Украина и нејзината прозападна ориентација.
Во исто време, израелското знаме, поставено во октомври 2023 година, останува на зградата на парламентот заедно со чешкото и европското.
Партијата на Окамура SPD неодамна влезе во коалициска влада со движењето ANO (на Андреј Бабиш, победник на изборите) и со Десничарската партија на мотористите.
Регион
Албанија усвои закон за родова рамноправност по бурна расправа
Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот.
Свет
Сенатот ја изблокира резолуцијата што ќе го спречеше Трамп да ја нападне Венецуела
Републиканците во американскиот Сенат ја блокираа резолуцијата што ќе му забранеше на претседателот Доналд Трамп да ја нападне Венецуела без одобрение од Конгресот. Гласањето заврши со резултат 51 спрема 49, најмногу по партиски линии. Само двајца републиканци се приклучија на демократите во поддршката на мерката.
Иницијативата беше предложена поради стравувања дека Трамп би можел да нареди напад врз Венецуела, откако американските сили во последните два месеца извршиле најмалку 16 напади на бродови во Пацификот и на југот од Карибите, при што биле убиени повеќе од 65 лица.
Главни поддржувачи на резолуцијата беа демократските сенатори Тим Кејн и Адам Шиф, како и републиканецот Ренд Пол. Тие предупредија дека администрацијата не понудила јасна стратегија за Латинска Америка и дека правното оправдување на нападите не спомнува директни операции на територијата на Венецуела.
Трамп претходно изјави дека овластил ЦИА да спроведува тајни операции, но потоа негираше дека планира копнени напади. Сепак, САД ја засилија воената присутност со воени бродови, авиони и илјадници војници во регионот.
Државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет го информирале Конгресот дека администрацијата „во моментов не планира војна со Венецуела“, но не обезбедиле детали за целите, трошоците и правното покритие.
Некои правни експерти предупредуваат дека нападите може да претставуваат кршење на меѓународното право и на американските закони.

