Свет
Меркел за ситуацијата во Авганистан: Потребно е да се евакуираат околу 10 илјади луѓе
Германија можеби ќе треба да евакуира дури 10.000 луѓе од Авганистан, изјави денеска германската канцеларка, Ангела Меркел.
Меркел ова го кажала обраќајќи им се на колегите од нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ), соопштија извори од партијата.
Меѓу оние што можеби ќе треба да бидат евакуирани се 2.500 припадници на авганистански помошен персонал, како и активисти за човекови права, адвокати и други за кои владата во Берлин смета дека се во опасност доколку останат во Авганистан откако талибанците го окупираа Кабул, пренесува „Ројтерс“.
Меркел рече дека Германија треба да соработува со земјите што граничат со Авганистан, со цел да ги поддржи оние кои во моментов бегаат од таа земја.
„Оваа тема ќе биде актуелна долго време“, рекла Меркел, а пренесуваат извори од партијата.
Како што беше претходно објавено, Меркел посочила дека во тек се тешки часови и дека фокусот треба да биде на спасување.
Oд германската авиокомпанија „Луфтханза“ веќе најавија дека ја разгледуваат можноста за евакуациски летови од Авганистан.
„’Луфтханза’ во моментов ја разгледува можноста за учество во евакуација на германски граѓани во договор со Министерството за надворешни работи и владата“, соопшти компанијата.
На седницата на претседателството на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Меркел посочила дека ситуацијата на аеродромот во Кабул покажува дека безбедноста е можна само со американски војници.
Канцеларката нагласила дека одлуката за повлекување од Авганистан ја донеле Американците.
Таа посочила дека одлуката е донесена од внатрешнополитички причини.
„Имаше домино ефект по повлекувањето на силите“, рече Меркел во првата изјава поврзана со ситуацијата во Авганистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.

