Свет
Министерот за одбрана на САД: Мирот се постигнува со сила, а не со зборови, зголемете ја помошта за Украина
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, денес ги повика сојузниците од НАТО да ги зголемат трошоците за американско оружје за Украина по извештајот што покажа нагло намалување на воената поддршка за Киев во јули и во август.
„Мирот го постигнувате кога сте силни. Не кога користите силни зборови или покажувате со прст, туку кога имате силни и реални способности што вашите противници ги почитуваат“, им рече тој на новинарите пред состанокот со колегите од НАТО во седиштето на алијансата во Брисел.
Хегсет ги замоли сојузниците да ги зголемат инвестициите во програмата PURL (Приоритетна листа на барања за Украина).
„Нашето очекување денес е повеќе земји да донираат повеќе, да купат повеќе за да ја снабдуваат Украина за да го доведат тој конфликт до мирен крај“.
Обезбедени 2 милијарди долари
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека очекува дополнителни ветувања истакнувајќи дека 2 милијарди долари веќе се обезбедени преку механизмот.
Сепак, овој износ е помал од 3,5 милијарди долари, што украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе ги обезбеди до октомври.
Шведска, Естонија и Финска ги ветија своите придонеси во средата, но земјите како Шпанија, Италија, Франција и Велика Британија се соочија со критики за нивната воздржаност.
Украина останува во голема мера зависна од американското оружје додека се подготвува за уште една зима на конфликт со Русија.
Килскиот институт за светска економија објави во вторникот дека воената помош за Украина се намалила за 43 проценти во јули и август во споредба со првата половина од годината.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.
Регион
Вучиќ за обидот за атентат врз него и неговото семејство: „Тоа се луѓе кои би убивале деца“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати на медиумите зборувајќи, меѓу другото, и за апсењата за обидот за убиство врз него.
Вучиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои го планирале атентатот врз него и неговото семејство, но дека знае за нивната возраст, додавајќи дека од доказите видел дека станува збор за луѓе кои се спремни од тоа да го тепаат, па до тоа да го убијат неговото дете.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за двајцата мажи кои беа уапсени во Краљево под сомнение дека планирале атентат врз него и неговото семејство, рече дека тоа е евидентирано како доказ.
„Она што го добив во материјалот, не знам точно за кои лица станува збор, знам од каде се, ги знам нивните години, па не навлегувам во сè друго. Единственото нешто што успеав да го видам е како треба да го тепаат моето дете до точка на врескање, до точка на колење“, рече Вучиќ.
„Гледам дека има околу 70 луѓе кои се залагаат тие да бидат ослободени. Зборуваме за луѓе кои би колеле нечии деца, тоа го имаме евидентирано како доказ“, рече Вучиќ.
Свет
Руското разузнавање: Велика Британија и Франција префрлаат нуклеарно оружје во Украина
Руските сенатори побараа меѓународна и национална истрага откако руската Служба за надворешно разузнавање (SVR) изнесе тврдења за плановите на Велика Британија и Франција за трансфер на нуклеарно оружје во Украина.
Во соопштението на Советот на Федерацијата, сенаторите изразија загриженост во врска со потенцијалното испраќање нуклеарни експлозивни направи во Киев, барајќи од британскиот и францускиот парламент да започнат истраги за овие планови, објави ТАСС.
Сенаторите ги повикаа ОН, Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) и Конференцијата за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT) да ги истражат тврдењата на SVR.
Беше нагласено дека реализацијата на ваквите планови може да доведе до ескалација на конфликтот и да создаде сериозни закани за безбедноста на Русија и Европа.
Во соопштението се наведува дека, според Нуклеарната доктрина на Руската Федерација, поддршката на нуклеарна сила на Украина може да се сфати како заеднички напад.
Претходно, СВР објави дека Франција и Велика Британија активно работат на снабдување на Украина со нуклеарно оружје, наведувајќи ја како можност испораката на француската мала боева глава ТН75 од балистичката ракета М51.1, пренесува Танјуг.

