Свет
Министерство за здравство на Хамас: Најмалку 50 луѓе загинаа во израелските напади врз Газа
Израелските сили денеска се судрија со борците на Хамас во неколку области на Појасот Газа, а палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 50 лица загинале во израелските бомбардирања на јужните и централните области.
Палестинската исламистичка милитантна група Хамас го обвини Израел за интензивирање на нападите во Газа за да се обиде да ги попречи напорите на арапските посредници и САД да постигнат договор за прекин на огнот.
Израел тврди дека се обидува да ги искорени борците на Хамас.
Во Рафа, јужниот пограничен град во кој израелските сили оперираат од мај, пет Палестинци беа убиени во воздушен напад врз куќа, соопштија здравствените власти во Газа. Еден маж, неговата сопруга и двете деца беа убиени во блискиот Kан Јунис.
Подоцна денеска, најмалку 13 Палестинци загинаа во израелски воздушен напад врз возило, а 26 беа ранети во одделен напад во Kан Јунис.
Неколку часа подоцна, во израелски воздушен напад врз училиште во кампот Нусерат загинаа 16 лица, а многу други беа ранети, соопштија здравствените власти. Нападот бил врз училиште управувано од ОН, во кое биле сместени раселените семејства, објави Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мел Гибсон ја изгуби куќата во пожарот во близина на Лос Анџелес
Актерот Мел Гибсон откри дека неговиот дом е уништен во шумските пожари во Лос Анџелес. Во тоа време, тој беше во Тексас и го снимаше подкастот на Џо Роган. Рече дека неговиот имот во Малибу целосно изгорел и го критикуваше гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом за ситуацијата.
„Тоа е емотивно, се разбира. Моите работи беа таму, сега се во пепел“, изјави тој за News Nation. Тој вели дека му било многу непријатно за време на снимањето на целото интервју со Роган бидејќи му било лошо што бил таму додека му гори маалото.
„Се прашував дали мојата куќа сѐ уште е таму. Кога се вратив, се разбира, мојата куќа ја немаше“, додаде тој.
Актерот вели дека интензитетот на уништувањето целосно го шокирал.
„Целосно изгорено. Никогаш не сум видел такво нешто“, вели тој. Гибсон живеел таму 15 години. Откри дека изгореле и куќите на неговите соседи, вклучувајќи ја и онаа на актерот Ед Харис.
Пожарите го опколија Лос Анџелес. Официјалните лица потврдија најмалку 10 смртни случаи, но се стравува дека бројот на загинати ќе се зголеми. Десетици илјади луѓе беа евакуирани, околу 10.000 домови беа уништени, а штетата се проценува на десетици милијарди долари.
Свет
Судот смета дека Трамп е виновен за плаќањата кон порно актерката Даниелс, но нема да биде казнет
Судот во Њујорк пресуди во случајот на премолчена исплата на поранешниот и идниот претседател Трамп на порно актерката Сторми Даниелс. Судијата Хуан Мерчан безусловно го ослободи Трамп по сите 34 точки од обвинението. Тоа значи дека судот признава дека обвинетиот е технички виновен, но оценува дека во конкретниот случај не е потребна кривична санкција.
Безусловното ослободување значи дека Трамп нема да добие парична казна, условна или затворска казна.
„Ви посакувам се најдобро додека го преземете вториот мандат“, му рече судијата на Трамп.
Мерчан пред судот изјави дека безусловното ослободување е „единствената законска пресуда, без прекршување на највисоката должност во земјата“.
За време на судењето, Доналд Трамп седеше на иста маса опкружен со неговиот тим адвокати. Во првиот ред зад него обично имаше барем еден член на семејството и неколку републиканци кои доаѓаа да понудат поддршка.
Поранешниот и идниот претседател беше прогласен за виновен во мај по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја и прикривање исплата од 130.000 долари на порно ѕвездата Даниелс во последните недели од неговата прва кампања во 2016 година.
Трамп е првиот поранешен претседател на САД кој е обвинет и првиот поранешен претседател кој е прогласен за виновен за кривично дело.
Свет
Шолц го блокира испраќањето нов пакет-оружје за Украина
Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц денеска го блокира предлогот за испраќање дополнителен пакет-помош за Украина во форма на оружје, кое се проценува на три милијарди евра, објави денеска „Дер шпигел“.
Планот наводно бил претставен од страна на министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, и министерот за одбрана, Борис Писториус, како сигнал за непоколебливата поддршка на Германија за Украина.
Целта беше да ѝ се обезбедат на Украина клучни системи за оружје вклучувајќи три дополнителни батерии за противвоздушна одбрана „Ирис-Т“, 10 хаубици и повеќе артилериска муниција.