Свет
ММФ му испратил 350 милиони долари на Мјанмар неколку дена пред воениот удар
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) минатата недела испратил 350 милиони долари во готово до владата на Мјанмар како дел од пакетот за итна помош за да ѝ помогне на земјата да се справи со пандемијата на Ковид-19, изјави портпаролот на ММФ за „Ројтерс“.
Парите биле испратени неколку дена пред државната советничка на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји, и други високи личности од владејачката Национална лига за демократија да бидат уапсени во рација во раните утрински часови во понеделникот во главниот град Најпитава.
„Ројтерс“ цитира неименувани извори дека ММФ ме може да стори многу за да ги врати средствата за итна помош.
ММФ претходно изрази надеж дека парите ќе му помогнат на Мјанмар да ги намири итните потреби што произлегуваат од пандемијата на Ковид-19, особено мерките, за да се обезбеди макроекономска и финансиска стабилност, истовремено поддржувајќи ги погодените сектори и ранливите групи.
Портпарол на ММФ посочи дека тие внимателно го следат развојот на настаните во Мјанмар и дека се длабоко загрижени за влијанието на настаните врз економијата и врз луѓето на оваа нација.
Забелешките доаѓаат во момент кога војската на земјата објави формирање државен административен совет, со кој ќе раководи генералот Мин Аунг Хлаинг, пишува „Мјанмар тајмс“.
Весникот пишува дека советот е создаден во согласност со Дел 419 од Уставот од 2008 година, кој предвидува врховен командант на Одбранбените служби, кому му е пренесена суверена моќ да има право да ги извршува овластувањата на законодавниот дом, извршната и судската власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos
Свет
Франција испрати борбени авиони „Рафал“ во своите бази на Емиратите
Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во своите воени бази во Обединетите Арапски Емирати со задача да го обезбедуваат воздушниот простор над базите, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека авионите спровеле операции за обезбедување на воздушниот простор, но не изнесе дополнителни детали за мисијата.
Распоредувањето доаѓа во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

