Свет
Мобс: Првата дама на САД е тивката сила на Трамп за да се сврти кон Украина
Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, беше клучна фигура, која вршеше притисок врз својот сопруг, претседателот Доналд Трамп, да се сврти кон поддршка на Украина, тврди Меган Мобс, ќерка на специјалниот пратеник на претседателот за Киев, Кит Келог.
Во интервју за британскиот „Телеграф“ таа рече дека првата дама била тивка сила, која го охрабрила Трамп да ја препознае итноста од заштита на „невините Украинци од нападите на руските сили под водство на Владимир Путин“.
Според неа, Меланија Трамп не е само сопруга на претседателот, туку и еден од неговите најблиски и највлијателни советници.
Мобс истакна дека нивниот однос е отворен и комуникативен и дека советите на Меланија се важни за Трамп.
Неодамнешните потези на Трамп, вклучително и договорот за оружје од 1 милијарда долари за Украина и санкциите против Русија, јасно укажуваат на неговата промена во надворешната политика за која Мобс тврди дека била под влијание на Меланија.
Во еден момент претседателот изјави дека, по разговорот со Путин, оној со неговата сопруга бил клучен.
„Таа рече: ‘Знаете, уште еден град е погоден’“, ги пренесе Мобс зборовите на Трамп забележувајќи дека Меланија не е задоволна од постапките на Путин кон Украина.
Мобс верува дека влијанието на Меланија може да биде одлучувачко, особено ако Трамп успее да обезбеди долгорочен мир во регионот.
Мобс, која живее во Киев под речиси секојдневни напади, верува дека посетата на Меланија на Украина би била значаен сигнал за поддршка.
Таа исто така истакнува дека договорот за снабдување со оружје на Украина е постигнат благодарение на брзите чекори преземени од администрацијата на Трамп.
Според неа, Меланија Трамп се покажа како клучен фактор во промената на надворешнотрговскиот курс на администрацијата на Трамп кон Украина, што вклучува значителна воена и финансиска поддршка за таа земја.
Нејзиното влијание, заедно со стратегиите формирани од специјални пратеници како Келог, може да ги обликуваат исходот од овој конфликт и имиџот на Трамп во историјата, оцени Мобс, пренесува „Танјуг“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто: Европа е зафатена од воена треска, се подготвува за конфликт со Русија
Европа е зафатена од „воена треска“ и сè поотворено се подготвува за војна, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи ја намерата на Европската Унија да му испрати на Киев речиси 200 милијарди евра за оружје и функционирање на државата.
„Кога зборуваме за мобилизација на 60 милијарди евра европски пари за вооружување на украинската армија или за испраќање 130 милијарди евра во Украина, тешко е да се нарече тоа поинаку освен подготовка за војна“, рече Сијарто во емисијата „Борбен Час“.
Според него, наместо да придонесува за мирот, Европската Унија сè подлабоко тоне во политиката на конфронтација, што може да има далекусежни последици за безбедноста на континентот.
Сијарто истакна дека единствениот пат до стабилност е „евроазискиот дијалог“, бидејќи без Русија, како што рече, не е можно да се создаде реална и одржлива безбедносна архитектура во Европа.
„Нереално е да се мисли дека Европа ќе биде безбедна ако Русија остане изолирана. Безбедноста е можна само преку соработка, а не преку санкции и конфронтација“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Фото: принтскрин
Свет
Порака од Првата светска војна пронајдена на австралиска плажа
Пораки во шише напишано од двајца австралиски војници неколку дена по заминувањето со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на брегот на Австралија.
Шишето од брендот „Швепс“ е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со својата ќерка Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, пренесува АП.
„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.
Внатре во проѕирното, дебело стакло се наоѓале весели писма напишани со молив од војниците Малколм Невил (27) и Вилијам Харли (37), датирани на 15 август 1916 година. Нивниот воен брод тргнал од Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, на 12 август истата година, на долго патување до другата страна на светот, каде што австралиските војници требало да го зајакнат 48-от австралиски пешадиски баталјон на Западниот фронт во Европа. Невил бил убиен во акција една година подоцна, а Харли бил ранет двапати, но ја преживеал војната, за да умре во Аделаида во 1934 година.
Војникот Невил го замолил оној што ќе го најде шишето да го достави писмото до неговата мајка Робертина Невил во Вилкават, сега практично„град на духови“ во Јужна Австралија, додека Харли, чија мајка починала до 1916 година, напишал дека ќе биде среќен ако оној што ќе го најде шишето ја зачува неговата порака.
Внуката на Харли, Ен Тарнер, рекла дека нејзиното семејство било апсолутно запрепастено кога ја пронашле пораката на нејзиниот дедо во шише. „Едноставно не можеме да веруваме. Навистина изгледа како чудо и навистина се чувствуваме како дедо да ни се обратил од гробот“, изјави Тарнер за Австралиската радиодифузна корпорација.
Пранункукот на Невил, Херби Невил, рече дека неговото семејство било обединето од „неверојатното“ откритие. „Звучи како да бил доста среќен што отишол во војна. Толку е тажно што се случило. Толку е тажно што го загуби животот. Каков човек беше“, рече Невил.
Фото: принтскрин
Свет
Израел по новите напади врз Газа: Повторно ќе го почитуваме примирјето
Израелската војска соопшти дека повторно ќе го почитува примирјето во Појасот Газа, откако во текот на ноќта извршила воздушни напади како одговор на напад врз нејзини војници.
Според соопштението, израелската армија бомбардирала десетици цели, при што биле убиени повеќе од 30 вооружени лица што имале командни позиции во палестинските вооружени групи.
Палестински медицински извори пренесуваат дека во нападите загинале најмалку 104 лица, јави Ројтерс. Ако бројките се потврдат, тоа би бил најголем број жртви од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Израел ја обвини организацијата Хамас за заседа во Рафа во која загинал израелски војник, но Хамас го негира тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, и покрај новите инциденти, примирјето останува на сила и дека „ништо нема да го загрози“, додавајќи дека Хамас вети дека ќе го почитува договорот.

