Свет
Морничаво откритие на семејството на жртва од „Ер Индија“: „Во ковчегот на мајка ми имаше остатоци од други лица“

Речиси два месеца по смртоносната авионска несреќа на летот „Ер Индија 171“, во која загинаа 53 британски државјани, семејствата на жртвите сè уште се соочуваат со незамислива болка. Некои од нив со недели чекале на погребите, а едно семејство открило дека во ковчегот на нивната мајка имало посмртни остатоци од други лица.
На комеморацијата во Вембли, на која присуствуваа околу 300 пријатели и членови на семејства, Митен Пател им се обрати на присутните носејќи го смарагдниот прстен на својот татко, кој чудесно бил пронајден во остатоците од авионот. Неговите родители, Ашок и Шобхана Пател, се враќале дома во Кент од духовно патување во Индија кога загинале во несреќата на 12 јуни.
Нивниот погреб бил одложен за неколку недели поради ужасното откритие. Митен објасни дека посмртните останки на неговите родители први биле вратени во Обединетото Кралство.
„Кога се вратија дома, првото нешто што го направија беше КТ-скенирање. И тогаш се откри – КТ-скенот покажа дека покрај мајчините посмртни останки имало и останки од други лица“, изјави Митен за „Скај њуз“.
Ова сознание дополнително ја продлабочило тагата на семејството. Како најстар син, Митен ја презел организацијата на прошталната церемонија, а грижата околу останките на мајка му ја одложила можноста за достојно жалење.
„Мислам дека треба некој да преземе одредено ниво на одговорност. Зошто се случи ова? Каде настанала грешката во тој процес? Разбирам дека луѓето брзале, биле многу изморени. Знаете, да се соберат сите останки, па потоа да се раздвојуваат преку ДНК анализа, тоа е долг процес. Но, за нас како блиски, тоа е многу вознемирувачко“, истакна тој.
Портпаролот на индиската влада, Рандхир Џајсвал, изјави дека земјата тесно соработува со британската страна и дека надлежните власти ја спровеле идентификацијата на жртвите според утврдените протоколи.
„Сите посмртни останки беа обработени со највисок степен на професионалност и со должно почитување на достоинството на починатите“, рече тој, додавајќи дека продолжуваат да работат на решавање на сите отворени прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп именува наследник

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес посочи дека потпретседателот Џ. Д. Венс би можел да биде неговиот најверојатен наследник за претседател во 2028 година.
„Мислам дека тоа е најверојатно“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за неговиот можен политички наследник, објави „Ројтерс“.
Трамп исто така предложи Венс и државниот секретар Марко Рубио да ги здружат силите за идниот републикански кандидат.
Како што истакна „Ројтерс“, ова е првпат Трамп отворено да го поддржи Венс како можен кандидат.
Во февруари тој рече дека Венс е многу способен, но дека е прерано да се утврди кој ќе биде кандидат.
Регион
Српскиот министер кој доживеа мозочен удар во емисија е свесен, но сè уште е во критична состојба

Министерот за јавни инвестиции на Србија, Дарко Глишиќ, се разбуди по операцијата поради мозочен удар и е свесен, но има тешкотии со говорот, објавија медиумите.
Министерот сè уште е во опасност.
Глишиќ вчера утрото доживеа мозочен удар за време на гостувањето во живо на ТВ Пинк, а како што најави министерот за здравство Златибор Лончар по операцијата во Клиничкиот центар на Србија, следните 24 часа се клучни.
„Операцијата е завршена, траеше подолго од очекуваното, но најважно е што она што сакавме да го постигнеме со процедурата беше успешно. Исклучително комплицирана операција, работеа неколку тима, имаше и тромб и крварење, интубиран е, на респиратор и на одделението за интензивна нега, каде што борбата за неговиот живот ќе продолжи. Најважно за нас беше да ја решиме блокадата на крвниот сад, тоа е крвниот сад што ја пренесува крвта до мозокот, говорниот центар, а без тоа, немаше да има шанси. Има уште еден сад кој исто така беше проширен и во него има тромбна маса, која крвареше. Тоа беше нашата главна задача, да го решиме тоа. Следува период кога неговото тело мора да се бори и да се справи со она што го доживеал. Се јави навреме и тоа беше направено во првите неколку часа“, рече Лончар.
Тој додаде дека министерот сè уште е во сериозна состојба.
„Мораше да биде интубиран, на респиратор. Сè уште е на интензивна нега, на респиратор. Следува сериозна борба. Луѓето кои работеа, нашите експерти се задоволни. Извршени се интервенции кои се изведуваат во неколку центри во светот. Причината е елиминирана, но ќе видиме како ќе реагира неговото тело. Не ме прашувајте за прогнозата, се бориме час по час, наша работа е да го правиме она што медицината го знае“, рече Лончар.
Свет
(Видео) Смртоносни поплави во Индија: има загинати, околу 100 лица се водат како исчезнати

Ненадејна поплава што предизвика порој од кал погоди населено место во хималајскиот регион во северна Индија, каде што четири лица загинаа, а околу 100 се водат како исчезнати, објавија денес локалните власти.
„Ситуацијата е сериозна. Добивме извештаи за четири смртни случаи и околу 100 исчезнати. Се молиме за нивна безбедност“, изјави државниот министер за одбрана Санџај Сет.
Видео снимките што ги објавија индиските медиуми покажуваат порои од кал и вода како ги носат станбените згради во Дарали, туристичка дестинација во индиската држава Утаракханд.
Индиската армија соопшти дека 150 војници на лице место помогнале во спасувањето на околу 20 преживеани од лизгањето на земјиштето.
Индиската метеоролошка служба издаде претходно предупредување поради обилните дождови во Утаракханд.
Смртоносните поплави и лизгање на земјиштето се чести за време на сезоната на монсуни во Индија од јуни до септември. Експертите велат дека климатските промени го зголемуваат нивниот интензитет и фреквенција.
Фото: принтскрин