Свет
НАТО: Активностите на Русија претставуваат закана за евро-атлантската безбедност

Во Брисел се одржува дводневен состанок на Советот на НАТО, а шефовите на дипломатиите на земјите членки повторија дека Русија е еден од главните предизвици за алијансата. Како што велат, НАТО ќе продолжи да се приспособува на современите предизвици.
„НАТО продолжува да се приспособува. Ние ќе се спротивставиме на заканите и системската конкуренција. Агресивните активности на Русија претставуваат закана за евро-атлантската безбедност, тероризмот во сите негови форми останува трајна закана за сите нас. Авторитарните режими ги оспоруваат сите принципи врз кои светот се заснова, вклучувајќи хибридни и сајбер-закани и злоупотреба на нови технологии“, се наведува во соопштението издадено по првиот ден на работата на Советот на НАТО.
Нагласено е дека НАТО е исклучиво одбранбено тело, кое не претставува закана за ниедна земја.
„Како одговор на сè поопасната и непредвидлива состојба во безбедносната сфера, ние значително ги зајакнуваме можностите за воздржаност, потенцијал и стабилност на НАТО“, заклучија министрите за надворешни работи.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот, рече дека им предложил на министрите значително да го зголемат финансирањето имајќи ја предвид непредвидливата состојба во безбедносната сфера за што е потребна посилна воздржаност и посилна одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Планираме да купиме американски системи „Патриот“ за Украина

Германија планира да купи американски противвоздушни ракетни системи „Патриот“ за Украина, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Разговарав за тоа со претседателот Трамп минатиот четврток и го замолив да ги испорача овие системи“, рече Мерц на конференцијата за реконструкција на Украина во Рим.
„Министрите за одбрана на двете земји разговараат за можен договор, но конечна одлука сè уште не е донесена“, рече Мерц.
Тој истакна дека на САД им се потребни дел од достапните системи „Патриот“ за сопствена одбрана и не прецизираше колку системи Берлин има намера да купи. ДПА дознава дека се дискутира за два ракетни системи.
Трамп оваа недела изјави дека одобрил испорака на оружје за Украина бидејќи е незадоволен од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин смислено да учествува во мировните преговори. Подоцна тој рече дека желбата на Украина да добие нови „Патриоти“ ќе биде разгледана.
Регион
Хрватска го враќа задолжителниот воен рок

Хрватската влада денеска до тамошниот законодавен дом го испрати предлогот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, повторно се воведува задолжително основно воено оспособување.
Во образложението, премиерот Андреј Пленковиќ посочи дека Владата смета дека овие документи се неопходни, имајќи ги предвид значително променетите глобални безбедносни околности.
Тој потсети дека Хрватска од 2008 година има суспендирана одлука за задолжителна воена служба и дека со овие измени ќе се создадат предуслови младите генерации да стекнат потребни вештини, што ќе ја зајакне силата на Хрватската војска.
Фото: ЕПА
Свет
ЕУ објави 2,3 милијарди евра помош за обнова на Украина

Европската комисија денес објави 2,3 милијарди евра поддршка за Украина за да ѝ помогне да се обнови од штетите предизвикани од руската инвазија. Средствата вклучуваат 1,8 милијарда евра гаранции за кредити и 580 милиони евра грантови од меѓународни и билатерални јавни финансиски институции, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференција во Рим за плановите за обнова на Украина.
Вкупниот износ од 2,3 милијарди евра е дел од инвестициската рамка за Украина. Фон дер Лајен рече дека се очекува рамката да мобилизира до 10 милијарди евра инвестиции во Украина.
Шефицата на ЕК исто така најави формирање нов фонд за обнова на Украина, поддржан од Европската инвестициска банка, Франција, Германија, Италија и од Полска. Со почетен капитал од 220 милиони евра фондот има цел да мобилизира 500 милиони евра до 2026 година, соопшти Комисијата.