Свет
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата на своето источно крило, како и да создаде нова одбранбена зона базирана на роботизирани и автоматизирани технологии, објави ДПА.
Мерките имаат за цел да го зајакнат ефектот на одвраќање против Русија, изјави бригадниот генерал Томас Ловин за неделното издание на германскиот весник „Велт“.
Според новиот, повеќеслоен одбранбен концепт, НАТО ќе се стреми да го забави или запре потенцијалниот противник во рана фаза користејќи високотехнолошки системи.
Ќе биде изградена зона по должината на границите на алијансата со Русија и Белорусија која во голема мера ќе се потпира на надзор, како и на далечински контролирани или полуавтоматизирани системи. Секој напаѓач прво ќе мора да ја надмине оваа зона пред да може да напредува понатаму.
Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Копнената команда на НАТО во Измир, објасни дека надзорот на источното крило ќе се врши преку системи за собирање податоци на земја, во воздух, во вселената и во дигиталниот простор. Овие информации ќе им бидат доставени на сојузниците во реално време. За таа цел може да се користат и стационарни и мобилни средства – радар, акустични и оптички сензори, како и податоци од сателити, беспилотни летала и извидувачки авиони.
НАТО планира да воспостави таканаречена жешка зона веднаш по границите, чија задача ќе биде да ги запре или забави напаѓачите во почетната фаза. Во неа може да бидат распоредени вооружени беспилотни летала, полуавтономни борбени возила, роботизирани системи и автоматизирани средства за воздушна одбрана. Ловин нагласи дека луѓето ќе ја задржат водечката улога во одлуките за употреба на сила, во рамките на меѓународните правила и етички стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

