Свет
Научниците создадоа глувци од двајца биолошки машки родители

Научниците за првпат создадоа глувци со двајца биолошки машки родители, што е значајна пресвртница во репродуктивната биологија.
Тимот предводен од Кацухика Хајаши, професор по биологија на Универзитетот во Осака во Јапонија, произвел јајца од клетките на кожата на машките глувци кои, кога ќе се имплантираат кај женските глувци, произведувале здрави младенчиња, објави списанието „Нејчр“.
Резултатите од истражувањето во иднина би можеле да се применат во третмани за плодност, вклучително и за истополови парови, и да помогнат да се спречи истребување на загрозените животни.
Сепак, научниците предупредуваат дека треба да се направат многу повеќе истражувања пред култивираните клетки да се користат за производство на човечки јајца во лабораторија.
„Се очекува примената кај луѓето да трае долго, можеби 10 или повеќе години. Дури и да се примени, никогаш не знаеме дали јајцата се доволно безбедни за да се добие бебе“, изјави Хајаши.
Истражувачите користеле клетки од кожата од опашките на целосно израснати машки лабораториски глувци, кои, како и мажите, содржат еден Х и еден Y хромозом, и ги претвориле во индуцирани плурипотентни матични клетки, или iPSCs – вид на клетка што научниците ја репрограмирале во ембрионална состојба.
Овој процес на генетски инженеринг, кој воведува специфични гени за создавање на клетки кои имитираат ембрионски матични клетки, првпат беше применуван од научникот Шиња Јаманака, добитник на Нобеловата награда.
Кога iPSC се одгледуваат во лабораторија, неколку од нив спонтано го губат Y-хромозомот, кој не е неопходен за растот на овој конкретен тип на клетки, создавајќи „XO“ клетки, објасни Хајаши.
Истражувачите ги култивирале XO-клетките и откриле дека некои развиле два Х-хромозоми како резултат на неисправни клеточни делби – што ги прави хромозомски женски. Третманот на XO-клетките со соединение наречено реверзин го зголеми бројот на XX клетки, открија истражувачите.
Оттаму, тимот ги претвори XX клетките во герминативни клетки, прекурсори на јајце клетки и сперматозоиди, кои последователно се програмирани со сигнали кои ги претвораат во јајце клетки. Откако биле оплодени со сперматозоиди и имплантирани во матката на глувчето, јајце клетките создале живи потомци.
„Оваа студија е особено интересна затоа што ги искористува грешките за кои се знае дека се случуваат за време на културата на XY-клетките, што доведува до губење на хромозомот Y и последователно стекнување на друг Х хромозом, што резултира со XX клетки кои се способни да генерираат живи потомци“, рече Род Мичел, професор по развојна ендокринологија во Центарот за репродуктивно здравје MRC на Универзитетот во Единбург во Шкотска.
„Сепак, неговата потенцијална примена кај луѓето (на пр. истополови парови) останува неизвесна. Во студија на глувци, многу малку ембриони генерирани со помош на клетки од глувци резултирале со живи потомци, а последните чекори потребни за претворање на ембрионите во јајца не биле веродостојно репродуцирани со помош на човечки клетки“, заклучил Мичел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американски булдог го нападнал сопственикот на игралиште во Англија: реагирала и полицијата

Американски булдог го нападнал сопственикот на игралиште во Англија. Кучето според тамошните медиуми го искасало човекот, а морала реагира и полицијата.
Просторот за спорт беше евакуиран додека полицијата и експертите за животни, вклучително и оние од RSPCA, локалните зоолошки градини и паркот за диви животни, работеа на контрола на агресивното куче, стои во извештаите.
Кучето било задржано во високо ограден простор на игралиште во Торп Вилоуби, Северен Јоркшир.
Ветеринарот морал да му даде на кучето седатив, а потоа животното безбедно било префрлено во одгледувачницата, пренесуваат медиумите.
Сопственикот се здобил со рани од каснување, но никој друг не е повреден, соопшти полицијата во Северен Јоркшир.
Голем број експерти за животни биле контактирани по немилиот настан.
Се истакнува дека кучето тежело повеќе од 50 килограми.
Регион
Вучиќ за Си-Ен-Ен: Србија ги спроведе сите меѓународни обврски, Косово ниту една

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, говорејќи за американската телевизија Си-Ен-Ен, рече дека српската страна ги спроведувала сите меѓународни обврски од Бриселскиот договор, а косовската страна не ја исполнила онаа што ја имала – формирањето на Заедницата на српски општини.
Вучиќ истакна дека од доаѓањето на косовскиот премиер Албин Курти на власт имало 353 етнички мотивирани напади врз Србите, додавајќи дека ова е најголемиот број на вакви инциденти од прогласувањето на независноста на Косово.
“Само оваа година имаше пет пукања врз цивили од српска националност. Србите сакаат само безбедност и сигурност за себе и за своите семејства£, рече Вучиќ.
Тој ги негираше обвинувањата на Албин Курти дека ги уценувал Србите да не гласаат на локалните избори во северно Косово, прашувајќи ја водителката дали некогаш видела легитимни демократски избори на кои излегле нешто повеќе од 3 отсто од гласачите.
Свет
Бебе починало откако родителите го оставиле три часа во жежок автомобил во Флорида

11-месечно бебе починало откако родителите го оставиле во автомобил додека оделе во црква во Флорида.
Полицијата добила повик од баптистичката црква во Палм Беј и извештај за бебе кое не реагирало околу 13 часот во неделата.
Според властите, бебето било оставено во возилото околу три часа додека нејзините родители биле на миса, пишува „Индипендент“.
Таа била пренесена во болницата каде била констатирана смрт.
„Ова е несреќен инцидент, а нашите сочувства и молитви се упатени до семејството“, рече началникот на полицијата во Палм Беј, Марио Ауџело.
Истрагата е во тек, а полицијата не соопшти дали ќе биде поднесена пријава против родителите, кои не се именувани.
Според „KidsAndCars.org“, Флорида е на второ место во САД по смртни случаи од автомобили.
Минатата година во САД имало 36 смртни случаи на деца во жешки автомобили, а досега шест во 2023 година, според организацијата.
„Најважно е луѓето да знаат дека ова може да му се случи апсолутно на секого. Нема правила“, вели Жан Фенел, претседател и основач на „KidsAndCars.org“.