Свет
Најмалку 800 луѓе во светот умреле поради дезинформации во врска со ковид-19
Најмалку 800 луѓе во светот починале поради дезинформации врзани за коронавирусот во првите три месеци од оваа година, тврдат научниците.
Според студијата објавена во американскиот магазин за тропска медицина и хигиена, околу 5.800 луѓе се примени во болница, како резултат на лажни информации на социјалните мрежи.
Би-би-си пренесува дека многумина умреле зошто пиеле метанол или средства за чистење на база на алкохол. Погрешно верувале дека тие производи се лек против вирусот.
Светската здравствена организација соопшти дека „инфодемијата“ околу коронавирусот се шири еднакво брзо како и самиот вирус, а теориите на заговор, гласините и културните стигми придонеле за смрт и повреди.
Многу од жртвите ги следеле советите кои наликуваат на веродостојни медицински информации – како што е јадење големи количини лук или голтање големи количини витамини, како начин за спречување на инфекцијата, велат авторите на студијата.
Други пак пиеле урина од крава. Сите овие акции имале потенцијално сериозни последици по нивното здравје, велат научниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина: Нема докази за напад врз резиденцијата на Путин, тоа не се случило
Украина соопшти дека не постојат докази за тврдењата на Русија дека украински беспилотни летала нападнале една од официјалните резиденции на рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Русија не понудила никакви уверливи докази за ваквите обвинувања.
„Нема никакви докази, таков напад не се случил“, напиша Сибиха на социјалните мрежи. Тој додаде дека Русија има „долг список на лажни тврдења“, што, како што наведе, е нивна препознатлива тактика. „Често ги обвинуваат другите за она што самите планираат да го направат. Нивните зборови никогаш не треба да се земаат здраво за готово“, порача Сибиха.
Изјавата доаѓа откако Украина остро ги отфрли руските тврдења за наводен напад во Новгородската област. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера тврдеше дека во нападот биле уништени 91 украински дрон, и најави дека Москва ќе ја ревидира својата преговарачка позиција, со порака дека веќе е одлучено како Русија ќе одговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски обвинувањата ги нарече лажни и оцени дека Кремљ со нив подготвува оправдување за нови руски напади. Според неговите зборови, целта на Москва е да создаде изговор за удари врз Киев и државните институции.
„Ако нема скандал меѓу Украина и САД и ако има напредок, тоа за Русија е неуспех, бидејќи тие не сакаат да ја завршат војната“, рече Зеленски, предупредувајќи дека сите мора да бидат внимателни поради можни напади врз главниот град.
Зеленски дополнително порача дека во ситуацијата поактивно треба да се вклучат американскиот претседател Доналд Трамп, неговата администрација и европските сојузници, со цел да извршат притисок врз Москва.
Свет
Зеленски наскоро ќе се сретне со лидерите на ЕУ?
Откако Володимир Зеленски ја напушти Флорида во неделата, каде што разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател постави временска рамка за тоа што следи.
Тој рече дека целта е да се соберат „сите релевантни актери во наредните денови, а не недели“.
Зеленски додаде дека треба да следи и состанок со европските лидери, а не е исклучено дека тој би можел да се одржи уште денес.
Полската телевизија TVN24 објави дека полскиот премиер Доналд Туск ќе разговара за ситуацијата во Украина со други европски лидери во 11 часот по локално време.
Сè уште не е потврдено со кого точно ќе разговара Туск.
Свет
Кина апелира на смирување откако Русија ја обвини Украина за напад врз резиденција на Путин
Кина се огласи по тврдењето на Русија дека Украина со беспилотни летала нападнала една од официјалните резиденции на Владимир Путин.
Министерството за надворешни работи на Кина ги повика двете страни да се придржуваат до принципот дека војната не смее да се прелева надвор од бојното поле и рече дека не смее да има понатамошна ескалација.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека 91 украински дрон биле соборени во нападот и потврди дека целите и времето на рускиот одговор веќе се утврдени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата, велејќи дека Русија повторно лаже.
Фото: pexels

