Европа
Најстариот Французин почина од ковид на 112 години

Најстариот Французин, Марсел Мејс, почина од Ковид-19 во средата навечер во болница во Вјен на 112-годишна возраст, објави неговата ќерка.
„Живееше во својата куќа, но се разболе од Ковид-19 и неговата состојба се влоши, па беше ставен на кислородна поддршка, но и покрај сите напори немаше спас, тој си замина на 112-годишна возраст“, изјави Никол Бојирон, неговата ќерка единица за АФП.
Марсел Мејс бил примен во болница на 2 декември. Роден е во 1909 година и живеел сам во својата куќа.
„Беше среќен во својот дом, со бистри мисли, живееше сам, но имаше помош од социјалните служби“, додава Бојирон.
Поранешниот возач на брза помош преживеал две светски војни и бил вдовец од 1998 година. Тој бил глув и речиси слеп, додаде неговата ќерка.
По смртта на Мејс, титулата најстар Французин би можел да ја земе жител на Ница кој на 6 декември го прославил својот 111. роденден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ден на жалост во Венеција по автобуската несреќа, меѓу загинатите има и две деца

Градоначалникот на Венеција ја прогласи среда за ден на жалост по синоќешната несреќа на туристички автобус, во која загинаа најмалку 21 лице, меѓу кои две деца, кога тој слета на автопат.
Меѓу загинатите има Украинци, Французи и Германци. Знамињата на официјалните згради во регионот Венето беа спуштени на половина копје на барање на нејзиниот претседател Лука Заија.
Сè уште не е позната причината за несреќата.
Во автобусот се превезувале четириесетина италијански и странски туристи, кои штотуку ја посетиле Венеција и се враќале во својот туристички камп нешто пред 20 часот.
Од сè уште неутврдена причина, возилото, кое се движело по мостот, удрило во заштитната ограда и излетало во празнината удирајќи во близина на железничката линија меѓу Местре и Маргера, два града, кои припаѓаат на Венеција.
„Автобусот се преврте. Ударот беше страшен“, изјави шефот на венециската противпожарна заштита, Мауро Луонго, за новинарите на местото на настанот.
Бројот на загинати не се промени во текот на ноќта: 21 лице загина, а најмалку 15 се повредени, објави регионалниот претседател на „Фејсбук“.
Меѓу загинатите жртви има едногодишно дете и тинејџер.
Европа
(Видео) Руската новинарка, која упадна во етер со натпис „Стоп за војната“, осудена на осум години затвор

Рускиот суд ја осуди, во отсуство, на осум и пол години затвор поранешната новинарка на државната телевизија, Марина Овсјаникова, која се појави во информативна емисија со плакат на кој пишуваше „Стоп за војната“ и „Ве лажат“.
Овсијаникова беше прогласена за виновна за „свесно ширење лажни информации за руските вооружени сили“, се вели во соопштението објавено од судот на „Телеграм“.
Новинарката, која побегна од Русија пред една година, веќе е казнета за слични прекршоци во август 2022 година. Овсијаникова стана позната во средината на март 2022 година кога се појави среде вести на телевизиската станица за која работеше. Таа носеше натпис со кој ги осудува офанзивата во Украина и пропагандата на медиумите под контрола на владата.
Снимката од нејзината акција, само неколку недели по почетокот на рускиот напад, го обиколи светот. Многу луѓе ја пофалија нејзината храброст во контекст на репресијата на секој критички глас во Русија.
Европа
Шарл Мишел: Украина може да се приклучи на ЕУ во 2030 година ако двете страни си ја завршат домашната задача

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Украина може да ѝ се приклучи на Европската Унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача.
„Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските барања. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да ги трошиме парите. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси на одлучување“, изјави Мишел во интервју за германски „Шпигел“.
Тој предупреди дека земјите од Западен Балкан 20 години чекаат да влезат во ЕУ поради што таму расте влијанието на Русија и Кина. Просперитетна и безбедна Украина е во интерес на Европа, додаде тој.
„Нивниот неодамнешен отпор кон Русија покажа дека Украина ѝ припаѓа на ЕУ. Ова би докажувало дека ЕУ е способна за геополитичко дејствување“, рече Мишел.
На забелешката на еден новинар на германски неделник дека САД досега обезбедиле повеќе воена помош за Украина отколку сите земји на ЕУ заедно, Мишел рече дека „ова не е натпревар“. Тој додаде дека геополитичкото влијание не се мери секогаш само со воена моќ.
„Во Обединетите нации ја позиционираме ЕУ како пионер во одбраната на мултилатералниот светски поредок заснован на правила. Ако ние не ја преземеме оваа улога, другите ќе изградат нов поредок – без нашите вредности и правила. Ако тоа се случи, би можеле да изгубиме сè“, изјави Мишел.
Тој рече и дека има итна потреба да се преговара за миграцијата со земји надвор од ЕУ и дека оваа тема ќе биде на дневен ред на неформалниот самит во Гранада.