Свет
На изборите во Баскија може да победи партијата која сака независност од Шпанија
Баскиската сепаратистичка партија Билду, која влече корени од политичкото крило на сега веќе непостоечката вооружена група ЕТА, би можела за првпат да победи на регионалните избори денеска во автономната шпанска заедница Баскија, потенцијално со импликации за националната влада.
Предизборните анкети покажуваат дека левичарската партија за независност ЕХ Билду тесно ја предводи умерената, десничарска партија ПНВ, која долго време владее со северниот регион, еден од најбогатите во Шпанија и Европа.
И двете имаат поддршка од околу 30 отсто, според анкетите, што значи дека ниту една од нив нема да може да владее самостојно и на секоја ќе ѝ треба поддршка од владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез, која претходно рутински соработуваше со ПНВ.
На ПСОЕ, од друга страна, ѝ е потребна поддршката од двете баскиски партии, како и од каталонските сепаратисти, во високо поделениот национален парламент за да може да управува со земјата.
Билду, основана во 2011 година како коалиција на баскиските левичарски партии, првично беше забранета поради сомневање за блискост со ЕТА, чии милитанти убија повеќе од 850 луѓе во 50-годишната борба за независност.
Партијата Билду, во која некои членови се поранешни милитанти или симпатизери на ЕТА, јавно го отфрли насилството, но не ги осуди дејствијата на вооружената група.
Во предизборната кампања не се залагаше за целосна независност, туку за поголема автономија и се очекува да има корист од падот на поддршката за Подемос, левичарската партија која претходно беше во коалициска влада на национално ниво.
Минатата година Санчез стана првиот шпански премиер кој преговараше со Билду, што наиде на остри критики од конзервативните противници.
За време на изборната кампања во Баскија, ПСОЕ се обидуваше да се дистанцира од Билду и изгледаше посклона да продолжи да владее заедно со ПНВ, која може да застане со ПСОЕ во поддршка на Билду доколку победи сепаратистичката партија.
Баскија има еден од највисоките регионални БДП по глава на жител во Европа. Откако ЕТА го објави своето целосно распуштање во 2018 година, немаше обиди за отцепување како едностраното прогласување независност на Каталонија во 2017 година, што доведе до најтешката политичка криза во Шпанија во последните децении.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Дали Хутите конечно престанаа да напаѓаат бродови?
Јеменските бунтовници Хути сигнализираа дека ги прекинале нападите врз Израел и бродовите во Црвеното Море, додека во Појасот Газа се почитува кревкото примирје, објави АП.
Најјасниот сигнал за прекин на нападите дојде во писмото до Бригадите Ал-Касам на Хамас, објавено доцна синоќа.
„Внимателно ги следиме случувањата и изјавуваме дека ако непријателот продолжи со својата агресија врз Газа, ќе се вратиме на нашите воени операции длабоко во ционистичкиот ентитет и повторно ќе ја воведеме забраната за израелски бродови во Црвеното и Арапското Море“, се вели во писмото.
Сепак, Хутите официјално не потврдија дека нивната кампања во регионот е прекината.
Од крајот на 2023 година, Хутите извршија повеќе од сто напади врз трговски и товарни бродови, тврдејќи дека дејствуваат во поддршка на Палестинците во Газа. Бродови поврзани со западните земји и Израел исто така беа цел на напади, што ги прекина глобалните транспортни правци и ги зголеми трошоците за транспорт на стоки.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници постојано извршуваа воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен, а Вашингтон ја преименуваше групата во странска терористичка организација на почетокот на 2025 година.
фото: принтскрин
Европа
ФТ: ЕУ формира нова разузнавачка единица под водство на Фон дер Лајен
Европската комисија започна со создавање ново разузнавачко тело под претседателката Урсула фон дер Лајен, во обид подобро да ги искористи информациите собрани од националните разузнавачки агенции, објави денес „Фајненшл тајмс“.
Единицата што ќе се формира во рамките на секретаријатот на Комисијата планира да регрутира службеници од целата разузнавачка заедница на ЕУ и да собира разузнавачки информации за заеднички цели, објави весникот, повикувајќи се на четири лица запознаени со плановите.
Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот.
фото: принтскрин
Регион
Студентите во Србија пред Генералштабот: „Ќе го браниме со нашите тела“
Студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот ќе се соберат денес во 11 часот пред зградата на Генералштабот под слоганот „Ние сме жив ѕид“. Како што најавија, ќе упатат усно предупредување до властите на Александар Вучиќ поради нивната намера да го урнат комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО, објавува Nova.rs.
Организаторите нагласуваат дека денешниот собир ќе биде само најава за идните протести.
„Маршот од центарот на Земун започнува во девет часот наутро, а од Студентскиот плоштад во 10 часот, па сите се собираме во 11 часот пред Генералштабот. Подготвивме две претстави, по што во 11:52 часот ќе има 16-минутен молк“, објави Валентина Морачевиќ, студентка на Факултетот за применети уметности.
По оддавањето почит на жртвите, студентите ќе упатат јасно предупредување до Владата. „Кога ќе заврши оддавањето почит на жртвите во Нови Сад, ќе имаме усно предупредување за властите. Доколку не престанат со уривањето на Генералштабот, односно ако не ја заштитат зградата, ние ќе ја браниме со нашите тела“, нагласува Валентина.
Фото: ЕПА

