Свет
На три континенти уапсени над 150 луѓе за продажба на дрога преку интернет
Американската федерална агенција за спроведување на законот и Европол објавија дека извршиле десетици апсења со цел да се запре глобалната операција на продажба на дрога преку магливо опкружување на интернет наречено „даркнет“.
На прес-конференцијата на Министерството за правда во Вашингтон властите рекоа дека уапсиле 150 луѓе за наводно продавање недозволени дроги и лекови преку „даркнет“, вклучително и фалсификувани опиоиди кои вообичаено се издаваат на рецепт и кокаин. Обвинетите, наводно, направиле десетици илјади нелегални продажби користејќи дел од интернет кој е достапен само со помош на специјализирани алатки за анонимност.
Десетмесечната мрежна операција „Операција Хантор“, именувана по алатките за шифрирање на интернет, резултираше со запленување на 234 килограми дрога, вклучувајќи амфетамини, кокаин и опиоиди во вредност од над 31 милион долари, објави „Гласот на Америка“.
Официјалните лица рекоа дека меѓу запленетите лекови има и лажни апчиња кои обично се достапни на рецепт и кои содржат моќен синтетички опиоид фентанил. Фалсификуваните таблети се поврзуваат со бранот предозирања со лекови.
„ Оваа меѓународна операција за спроведување на законот се прошири на три континенти и испраќа јасна порака до оние кои се кријат на ‘даркнет’ и продаваат нелегални дроги: нема мрачен интернет“, изјави заменик-јавниот обвинител на САД, Лиза Монако.
Инспекторите уапсија 65 лица во САД. Други апсења се извршени во Австралија, Бугарија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија и Обединетото Кралство.
Освен фалсификувани лекови, властите заплениле и повеќе од 200.000 таблети екстази, фентанил, оксикодон, хидрокодон и метамфетамин. Американските власти соопштија дека истрагите продолжуваат и се очекуваат нови апсења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Започнаа погребите за ученичките убиени во училиште во Иран
Во Иран започнаа погребите за десетици ученички убиени во своите училници на првиот ден од американско-израелското бомбардирање против земјата. Најмалку 168 ученички беа убиени кога американско-израелските воздушни напади го погодија основното училиште за девојчиња „Шаџаре Тајиба“ во јужниот град Минаб во саботата наутро, соопштија ирански власти.
Според иранската државна телевизија ИРИБ, големи толпи ги исполнија улиците на центарот на Минаб утрово, собирајќи се пред сцена на главниот плоштад.
Толпата носеше слики од убиените девојчиња и извикуваше слогани. Полуофицијалната новинска агенција Тасним објави дека мајката на едно од девојчињата го критикувала претседателот Трамп, нарекувајќи ги неговите постапки „луди“.
تشییع پیکرهای پاک و مطهر کودکان میناب که در بمباران #آمریکایی_اسرائیلی ترور شدند.
در تاریخ آمریکا هرگز این قتل عام دست جمعی کودکان ایرانی فراموش نخواهد شد. pic.twitter.com/epiPSqfYbn— Saghi (@BBSS_2009) March 3, 2026
Видеата објавени од иранските државни медиуми по нападот покажаа уништено училиште, остатоци од детски торби и книги и вознемирени родители. Спасувачите, заедно со локалните жители, ги пребаруваа урнатините по нападот во саботата.
Училиштето што беше погодено се наоѓа на околу 60 метри од иранска воена база.
Запрашан за нападот, портпаролот на Централната команда на САД претходно рече: „Свесни сме за извештаите и ги истражуваме“.
Свет
Земјотрес со јачина од 6,4 степени ја погоди Индонезија
Земјотрес со магнитуда од 6,4 степени ја погоди денес индонезиската покраина Ачех, соопшти индонезиската агенција за геофизика.
Агенцијата наведе дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 13 километри и нагласи дека нема опасност од цунами.
Свет
Поранешен шеф на ЦИА: Нападите на Трамп врз Иран се катастрофална грешка
Поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, изјави дека воените напади на претседателот Доналд Трамп врз Иран биле „драстично лоша грешка“. Во емисијата „The Weeknight“ на MS NOW, Бренан ги спореди нападите со американската инвазија на Ирак во 2003 година, за која тврди дека предизвикала децении хаос.
„Мислам дека ова е втор пат во овој век САД да направат катастрофална грешка со влегувањето во конфликт на Блискиот Исток. Првиот пат беше во 2003 година кога го нападнавме Ирак, што предизвика години и години хаос, насилство и тероризам“, рече Бренан.
„Тоа доведе до подемот на ИСИС и ние сè уште се опоравуваме 20 години од тој хаос. Сега го започнуваме овој голем напад врз Иран, многу голема земја, многу поголема од Ирак“, додаде тој. „Она што го видовме во последните денови е катастрофален напад врз Иран и иранската влада. Иранскиот режим не се откажува и напаѓа блиски цели со сите средства што му се на располагање, без разлика дали се тоа американски бази или арапски држави од Заливот.“
„Сведоци сме на трагична, бесмислена и непотребна загуба на животи. Како што рече сенаторот Ворнер, немаше непосредна закана“, продолжи Бренан. „Мислам дека е јасно дека администрацијата сега измислува приказни за да се обиде да го оправда она што се случува.“
„Она што ми е јасно е дека Бенјамин Нетанјаху, кој долго време сакаше ваков вид воена операција против Иран, успеа да го придобие Трамп и да го вклучи во ова“, заклучи Бренан, кој ја предводеше ЦИА од 2013 до 2017 година.

